
Во траорна атмосфера и со песната ,,Послушајте патриоти”, денеска, на гробиштата во с.Ракотинци, беше погребан 21-годишниот Никола Саздовски, брутално претепан пред десетина дена во населбата Автокоманда.
Саздовски, кој, беше член на навивачката група ,,Комити”, за последен пат го испратија членови на семејството, пријатели, другари од ,,Комитите”. На погребот, почит му оддадоа околу 2.000 луѓе.
Саздовски, почина на скопските клиники, по десетина дена поминати во кома. Од нанесените повреди со метални шипки, според неофицијални информации, тој имал мозочна смрт.

Во јавното обвинителство денеска се очекува исказ од сведок кој се затекнал на местото на трагичниот настан кога тројца сторители во населбата Автокоманда го здогледале од возило, излегле од него и го нападнале на автобуска постојка.
Саздовски, од тешките повреди се онесвестил на јавна површина, и веднаш бил префрлен на КАРИЛ, каде со денови беше во арефлексна кома.
Од МВР, како што информираа, поднесена е кривична пријава против Б.Б.(20), С.Д.(21) и Ј.Љ.(19), сите од Скопје. Само двајца од нив се во притвор, третото лице е недостапно за органите.
Навивачката група ,,Комити” побара од институциите правда за Саздовски и казнување на сторителите, според тежината на кривичното дело.
Неофицијално, грозоморното убиство се поврзува со припадници од друга навивачка група и нетрпеливост меѓу сторителите и починатиот.