Многу ме нервирав такви лигави, културни типчиња, затој те тепам

,,Раскажувачката”

Пишува: Фросина Ѓорѓиоска

Дека нашево поднебје е расадник на глупоста и агресијата говори и фактот дека среќни сме само заради туѓата несреќа. Испаѓа дека сме весељаци, само затоа што другите се фикус.
Паметни сме заради туѓата глупост.

Пред крај на вечерта, седат на шанк уште пет – шест луѓе. Секој приказна за себе, секој со своите маки и радости, ја допиваат последната пијачка за вечерта. Меѓу сите ,,еминентни” ликови, најмногу се истакнуваше Стивен Сегал. Лакирана црна ципела, фармерки тесни, кренати скоро до гради, со бели апликациички ко испрскани со вар и обавезно украсени со бел, лакиран каиш. Нагоре зелена маица со дигната крагна, а под маицата му светка кило злата око врата. Фризурата ретро фудбалерка, а тоа подразбира напред гел, додека позади лепршаат џигерици у слободен стил. Заби имаше само за украс, што значи од тројка до тројка горе и доле. Позади промаја. ,,Мангупски” поглед, од типот- ,,шо ме глеаш”. Пиеше бадел коњак, за кој шанкерот во мајка се колнеше дека е Хенеси, а овој му веруваше, бидејќи за Хенеси имал слушано во некој мафијашки филм со Стивен Сегал. Мислам што можеш да очекуваш од човек на кој Стивен Сегал му е омилен глумец. На ди-џејот кој пушташе рок и панк му идеше со нарачки од Цеца и некојси Полументол:
-Дај бе пушти нешто од Цецу, да се расположимо малку. Кој е овај што си ги пуштија?
-Пинк Флојд се овие -, вели диџејот.
-Не знам ја кој е тај Пинк Фројд, дај нешто од онај, чек како беше да га ебу, Полументол.
-Дечко за таква музика треба да идеш на друго место. Овој локал нема турбо – фолк имиџ-, му вели шефот.
Во меѓувреме, дечкото што седеше до овој егзотичен лик, виде празно шанк столче и отиде да го земе да седне. Го дигна столчето и си го донесе. Одеднаш, Стивен Сегал стана и му удри бокс, под образложение дека дечково го дигнал столот за да го удри. Немаше ништо точно во таа изјава. Дечкото беше редовен гостин, студент на медицина, културен, добро воспитан, мирољубив. Не ни знаеше зошто е удрен. Од обезбедување имавме само едно лице на врата таа вечер. Дојде веднаш, но не можеше да го совлада Стивенчо наш, затоа што овој ,,нинџа” да ти бил цајкан, специјалец некојси, па ги знаеше сите боречки вештини на памет. За да биде ситуацијата уште подраматична, оваа креатура од човек, го грабна дечково на шамари, додека малиов прашуваше:
-Зошто ме тепаш?
-Зашто такој ми е ќеиф. Што се мислеш ти, облекол си оделце, дошаја си у диско и ќе глумиш џентлмен?
-Ама јас ништо не ви направив. Само си седам и си ја пијам пијачката. Не ве ни погледнав.

Следува уште еден шамар. После шамарот го фати за мустаќи и почна да го влече низ ходник. Кое понижување. Кое рушење на достоинство. Значи го влечеше за мустаќи во буквална смисла. Дечково вришти и моли да го пушти. Овој од обезбедувањето не реагира, затоа што имаше пиштол. Колегиве молчат. А мене срцево ми се кине од такви неправди. Шамарите и клоците траат константно, додека дечково лежи свиткан на шанк.

-Ти на мене ќе ми кажуваш, дошаја си да се напиеш пијачка. Ќе ми глумиш миран тип, пичка ти матер. Многу ме нервирав такви лигави, културни типчиња, затој те тепам-.

Маживе молчат, за да не напраат полошо да биде. Јас и колешката Маре чуриме.
-А, бе, иди у курац, говедо едно, пушти го дечкото, што ти згрешил? – вели Маре видно изнервирана, за која се кладам дека според силата и габаритот што ги поседуваше, а и според накурченоста како нејзина природна состојба, Стивен Сегал, можеше да биде претепан од нејзина страна, до степен да треба да вади нова лична карта. Почнувам да се силам и јас, со флаша пиво во рака, покрај Маре:
-Идиоту, остави го, скапаница невидена си. Иди лечи си ги комплексите со некој друг. Презентирај ги твоите боречки способности врз некој појак од тебе бе, мрсул еден, бидејќи освен за тепање, за друго не си способен-.

По кратко ,,размислување”, Стивен Сегал го напушти локалот, со закана дека ќе се врати некој друг ден. Не се врати ни друг ден, ни друг месец, ниту пак другата година.

Зошто постојат вакви феномени, познати во стручната литература како идиоти? Заради недостаток на интелигенција, воспитување и емпатија. Подгрбавени од товарот на селската психологија, културата и емпатијата ги доживуваат како елемантарна непогода. Вакви феномени се јавуваат на места со голем резерват на неписмени и оние кои негуваат хронична страст кон нечитање. Каде згрешивме? Ги испразнивме душите, ги наполнивме суетите. Стануваме се она за кое се колневме дека никогаш нема да бидеме. Колективна депресија и анксиозност е сликата за нашево општество кое резултира со вакви појави. Ова општество стимулира натпревар, место соработка, а тоа не е добро. Време е да почнеме да градиме карактери, а не институции.

Настаните се вистински, но ликовите се измислени. Секое преклопување со имиња на вистински ликови е коинциденција. 

© Сите права се задржани. Производот е авторски и интелектуален труд. Забрането е копирање на содржини за комерцијални цели, преземање на текстови или делови од нив, без дозвола од авторот на веб страницата. Не е дозволено ниту преземање на содржините со хиперлинк до информацијата на веб страницата, без дозвола од авторот.  Секое недозволено преземање ќе биде санкционирано според Закон за авторски и сродни права. 

Преземање на содржини на социјални мрежи, за некомерцијална употреба, е дозволено со хиперлинк. 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email
Print
error: Content is protected !!