
Нов шеф на стручниот штаб на ракометниот клуб ,,Металург” е Данило Брестовац- поранешен играч и тренер на ,,Металург”, но и актуелен селектор на кадетската и на младинската репрезентација на Македонија.
Тој, се враќа во клубот по неколкугодишна пауза, по ангажманите во францускиот ,,Шамбери” и луксембуршкиот ,,Ред бојс Диферданж”.
Брестовац, при својот последен ангажман во ,,Металург” ја вршеше функцијата- помошник на Лино Червар.

Претседателот на ,,Металург”, Зоран Цветановски, го образложи ангажирањето на Данило Брестовац.
,,Еден од потезите, кој беше логичен да се направи, е назначување на Данило Брестовац како нов член на стручниот штаб. Ќе ве потсетам дека тој работеше со Червар, јасни му се принципите, а ние сакаме да продолжеме во таа насока и затоа ќе продолжиме да работиме со млади играчи. Оваа сезона повторно имаме обврска и привилегија да сме втори во Македонија, да играме во СЕХА-лигата, а ЕХФ ни укажа доверба и повторно ќе играме во Лигата на шампиони. Значи ,,Металург” уште не ги потрошил кредитите од блескавите настапи од пред 4-5 сезони”, рече Цветановски.
Брестовац, пак, изрази голема благодарност до претседателот и сопственикот на клубот, кои, по три години му овозможуваат да се врати дома, во клубот во кој се чувствува како свој.
Рече дека не е илузионист, не е Дејвид Коперфилд, па да дојде и со магично стапче да направи чуда.
,,Можам да ветам дека во следниот период ,,Металург” ќе остане лидер во регионот по работата со млади категории. Се надевам и дека ќе го дигнеме клубот на едно ниво погоре. Целта е таа, ,,Металург” и понатаму да биде фабрика што ќе произведува играчи за големите европски клубови. Имам поддршка од сопственикот да ги примениме тие современи методи и системи од моето искуство во ,,Шамбери” и да бидеме во чекор со сите тие современи тренерски процеси, со што би профитирал клубот, но би профитирале и македонскиот ракомет и репрезентацијата. Овде ќе има можност за оние што сакаат да работат, да напредуваат во својата кариера. За три години пак ќе се собереме и ќе подвлечеме црта што имаме сработено. Не сакам многу да зборувам, сакам повеќе да работам. Сакам да останам цел живот во ,,Металург”. Знам дека ќе биде тешко да одиме ниво погоре, но мојата младост и амбициозност ќе ми биде голем адут за да го направиме тоа. Сакам прво да ја одберам македонската база на играчите, а со странците не знам како ќе се одвиваат работите“, изјави Брестовац, кој побара неколку дена за да го комплетира својот стручен штаб и да ги претстави своите идни планови.
Цветановски им се заблагодари на Лино Червар и на Александар Јовиќ за нивните ангажмани.
,,На сите ни беше јасно дека ќе дојде денот кога ,,Металург” ќе влезе во „пост-Червар“ фаза, и денеска е токму тој ден. Сакаме да изразиме огромна благодарност до господинот Червар за се` што направи за клубот во изминатите години. Тој повеќе не е со нас, продолжува во Загреб, а на нас е да продолжиме понатаму со квалитетна работа. Јовиќ му се најде на клубот во многу тешки моменти, Јовиќ многу помогна и ја изнесе таа тежина на свои плеќи. Тој беше на разговор со управата и беше договорено соработката спогодбено да заврши “, рече Цветановски.
Додаде дека клубот останува на истиот курс, оној по што е познат и во Македонија и пошироко- создавање на млади ракометари кои преку клубот се афирмираат и стануваат имиња.
,,И за следната сезона имаме млади ракометари кои ќе ја добијат својата шанса, така што од тој поглед воопшто нема потреба да се грижиме за иднината“, рече Цветановски.