
,,Раскажувачката”
Пишува: // Фросина Ѓорѓиоска
Јас на интервју за работа. Дешавка на годината ! Бидејќи, првпат во животот, некој ме викна на интервју во фирма. Сите интервјуа претходно ми биле:
-Знаеш ли ајнцер да носиш?
-Знам.
-Примена си.
Ова беше подруго. Свечен настан ко куќна слава. Возбуда ко прв Валентајн со дечкото. Потрес ко да сум примена у НАСА. Покрај спремната биографија, поткрепена со докази во вид на дипломи, курсеви и слично, се спремив и на друг начин. Налакирав нокти (ок, личеше ко да ја фарбам оградата на комшиите), издепилирав бркови, косата ја исфенирав навнатре (што би рекла Ина Многуфина) и ја ставив под контрола сета моја ,,егзотика” за да личам на префината, софистицирана дама спремна за понизност пред ,,големите авторитети” во нивното село. Облеков бело кошулче, позајмено од тетка ми и црни класични пантолони, кои беа униформа на другарка ми која работи во банка. Интервјуто со шеф Сале Гел од ,,човечки ресурси” може да почне:
-Госпоѓица или Госпоѓа Фросина? Како да ви се обраќам?
-Фросина е доволно – , веќе насетувам што сака да дознае шефчево со розева кошула закопчана до грло и кафено плиш палтенце. Фризурата – тетратка. Тоа подрабира патец на средина направен со хируршка прецизност и гел. Тазе избричен. Мирисаше уште на колонска вода. Мирис на бор и покошено сено. Насмевка – орбит. Личеше ко да има залепено две гравчиња орбит на местото на кецовите горе.
-Ја разгледавме вашата биографија, мислам дека може да се снајдете во административни работи. Ние сме сериозна фирма, вработуваме долгорочно и морам да ги знам вашите планови. Дали сте мажена?
-Не. – , тука веќе почнува да ме вреѓа со прашањето, ама се воздржувам.
-А, дали имате во план да се мажите?
-А, дали вие имате во план дека можам да ја тужам и фирмава и вас лично за поставување на вакви прашања? И дали пред да си ја вработите жена ви како секретарка ја прашавте дали има план да се размножува со вас? ( дознав дека секретарката му е жена од една што чекаше со мене за интервју, затоа што беше препорачана токму од неа )
-Овде јас поставувам прашања – , повишува тон шеф Сале за да покаже минимум авторитет, кој-секако го нема.
-Значи дали планирате да се мажите и наскоро да имате деца? Тоа морам да го наведам заедно со вашата биографија. Така што, ќе ми кажете или не? – продолжува глупакот со прашања кои се навреда за женскиот род.
-Ќе ви кажам… дека сте идиот, ама тоа веќе сигурно го знаете. Ќе ви кажам и дека жената не заслужува да биде третирана како материјал за расплод и дека нејзината професионалност не треба да се оценува според тоа дали ќе земе трудничко боледување или не.
-Безобразна си.
-Се разбира. Фала на комплимент. Секој што има свое мислење и што се противи на неправди во ова општество е безобразен.
-Нас не ни требаат вакви.
-Нормално. Ви требаат оние што лесно се контролираат. Вас ви треба послушник. Ви треба робот, а не личност. Особено не личност што си ги знае правата.
-Пропушти добра можност за вработување. Гледам ќе се вратиш назад во тоа дупките кои ти ги викаш кафичи.
-Добра можност за вработување е место каде тебе не те знаат. Значи било каде, освен овде. Добра можност за вработување е место каде шефчето не носи розева кошула и има минимум познавања од основните човекови права. Добра можност е да работам со авторитети по знаење, а не авторитети по позиција. И дали на вашата жена некој и ги постави истите овие прашања кои ти ми ги поставуваш мене?
-Тоа е моја жена и јас одлучувам за нејзината кариера.
-Аааа, искрен си. Ама и глуп. А најопасна работа е да си и глуп и искрен истовремено, рекол Џорџ Бернард Шо – , му велам.
-Кој е тој?
-Тој е еден лик кој е оправдано непознат во нашево општество бидејќи не се спомнува во ни една турска серија и го нема на вести. И прашањето ,,кој е тој ?” може да го постави само лик со енциклопедиско незнаење. И после ти требаше мене да ми бидеш авторитет?
-Кучка искомплексирана. Седи си дома со книгите и читај си, а јас овде ќе правам пари и на интервјуа ќе поставувам вакви прашања. Марш од мојава канцеларија. Мене да си ми жена ќе научиш што е ред и контрола – , со зацрвенети образи од бес дофрлуваше шеф Сале Гел од метро и дваесет и фрлаше психоделични погледи врз мене.
Американски ,,Психо” испаѓа комедија у споредба со ликов.
Дека човечката глупост дава најголеми резултати говори и овој расадник на кадри каде се регрутираат идните шефчиња – идиоти, познати под терминот ,,интелектуална маса”.
Овие ликови ко Сале Гел се истите оние кои чуваат коза на тераса на шести спрат или во најмала рака – кисела зелка. Распалена скара и тресење јамболија се редовни викенд активности. Кога ќе му дојде редот тој да ја смени прегорената сијалица во ходник, нема да го направи тоа денес, ни утре, а ни во наредните 30 години, но затоа ќе биде најгласен на секој куќен совет. Дури ни неговото куче не шета со него ако нема врзано кременадла на вратот.
Шала на страна. Жени, кралици, главите горе. Не дозволувајте да бидете интервјуирани со вакви прашања. Се додека на работодавачите ова им се дозволува, тие ќе го прават тоа. Нека не ве плашат со отказ дека ако останете трудна ќе ве избркаат. Тие секако ќе ве избркаат кога ќе најдат некоја што ќе работи за помалце пари. Лошите успеваат тогаш кога добрите молчат. Затоа круната на глава и бидете гласни, борејќи се за сопствените работнички права. Ако не успеете сега, сигурно ќе придонесете за подобро утре на вашата ќерка. Облекувајте штиклите и со нив достоинствено и гордо газете по неправдата.
Настаните се вистински, но ликовите се измислени. Секое преклопување со имиња на вистински ликови е коинциденција.
© Сите права се задржани. Производот е авторски и интелектуален труд. Забрането е копирање на содржини за комерцијални цели, преземање на текстови или делови од нив, без дозвола од авторот на веб страницата. Не е дозволено ниту преземање на содржините со хиперлинк до информацијата на веб страницата, без дозвола од авторот. Секое недозволено преземање ќе биде санкционирано според Закон за авторски и сродни права.
Преземање на содржини на социјални мрежи, за некомерцијална употреба, е дозволено со хиперлинк.