
Наши сограѓани, на социјалните мрежи објавија фотографии од црн густ чад, кој во неколку наврати, деновиве се издигал од оџаците во кругот на Клинички центар. И тоа веднаш до Клиниката за Детски болести.
Загадувањето, среде клиничкиот центар каде се лекуваат деца, тешко болни од канцер, возрасни, било очигледно, се гледало со голо око, а смрдеата интензивна.

Коментарите на очевидците се дека Клинички центар нелегално согорува дел од медицинскиот отпад во своите печки, како во минатото. А, законски, клиниките се обврзани да го спакуваат опасниот отпад, согласно пропишани стандарди, за специјализирани камиони да го транспортираат во ,,Дрисла”. Но, за услугата има ценовник и се наплатува по тон.
Чад кој смрди и загадува, како што пријавија и фотодокументираа граѓани од Скопје-Север, изминатите недели се забележува и од погоните на скопска Железарница.
Од Министерството за животна средина немаат податоци за никакво загадување, се` било во согласност со пропишаните стандарди.
Владата и скопскиот градоначалник, кои во своите програми ветија чист воздух и заштита на животната средина и зеленилото, одамна заборавија дека беа 11 години во опозиција и што зборуваа и ветуваа за тоа време. Нивните програми и ветувања, од оваа дистанца, слободно може да се фрлат во ѓубре.
Како што обелоденија вчера Петре Шилегов и Владата, не отстапуваат од сериозната намера да масакрираат шума на Водно во должина од 9 километри за потребите на гасовод.