
Загадувањето во Скопје, завчера, беше аларматно и во црвена зона во однос на ПМ10 честичките, над 600 микрограми, но градската власт и покрај загрижувачките мерења вон сезона, не излегла со конкретни мерки за оваа зима, кога пиковите ќе уриваат рекорди.
Но, затоа, градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, и тоа како има конкретна идеја колку пари да потроши од Буџетот за украсување на градот за Нова Година.
Според огласот објавен на сајтот за електронски јавни набавки, Шилегов, има намера да фрли околу 220 илјади евра за новогодишно китење на плоштадот и центарот.
Оваа сума ќе биде најголемата и рекордна во последната деценија доколку Шилегов потпише договор.

-Украсувањето треба да е современо и на највиско можно ниво. Треба да се постави и елка од 20 метри, но местото дополнително ќе се утврди. Треба да се обезбеди и огномет за дочек на 2019 со шест минутен огномет- , пишува во техничката спецификација.
Лани, Шилегов, ја откажа новогодишната прослава и заедно со Т-мобиле донираа 10.000 евра на Клиниката за белодробни болести, односно 20 пати помалку отколку што има намера да потроши годинава за китење на улици, за елка и за огномет.
Шилегов во опозиција обвинуваше дека загадувањето меѓудругото најмногу е предизвикано од старите автобуси на дизел, набавени од минатата Влада.
Иако помина една година од неговиот мандат, тој на власт, досега нема набавено ниеден електроавтобус, напротив низ улиците се возат стари канти од 80-те години, а за кинеските и украинските автобуси лани набави дизел гориво за наредни две години.