ЕДНАКОВ ТРЕТМАН: И дипломатите добиваат ,,лисици”, зар не?

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов неодамна најави дека јавното претпријатие ,,Градски паркинг” ќе казнува и нема да толерира дипломатски претставници за неправилно паркирање или за неплаќање на паркинг услуга во Скопје.

Не се шегувал, на едно од паркиралиштата деновиве ја фотографиравме оваа расправија меѓу вработен во претпријатието, кој пишуваше казна и возач на дипломатско возило околу поставената ,,лисица” на тркалото. Вработениот му објаснуваше дека има наредба за рамноправен третман на сите и дека не отстапува од неа.

Претходно, Градот Скопје, преку соопштение  информираше дека испратен е допис до сите претставништва на странски држави во нашата земја дека своите службени возила треба да ги паркираат исклучиво на предвидените паркинг-места во градот, а во спротивно, возилата со дипломатски таблички ќе имаат ист третман од јавното претпријатие „Градски паркинг“, како и сите други непрописно паркирани возила.

Во изминатиов период, градоначалникот на Град Скопје неколкупати писмено се обраќал до амбасадите кои не ги почитуваат прописите за паркирање со потсетување дека своите службени возила треба да ги паркираат на површини означени како паркиралишта.

,,Контролорите на ЈП „Градски паркинг“ секојдневно се соочуваат со непрописно паркирани возила со дипломатски таблички. Град Скопје стои на ставот дека законите треба да важат за сите, а и во Виенската конвенција за дипломатски односи се наведува дека дипломатските претставници треба да ги почитуваат локалните закони и прописи. Дипломатските возила треба да бидат уредно паркирани и притоа да не ја загрозуваат безбедноста на другите учесници во сообраќајот, ниту да го попречуваат движењето на пешаците и  на велосипедистите.”, информираа надлежните.

Преку соопштение, апелираа, сите корисници на услугите за паркирање, навреме да го регулираат плаќањето за паркинг- услугата, за да не бидат санкционирани и да не им биде поставен блокатор на тркалото. Плаќањето за паркинг-услугата може да се изврши преку СМС порака или со греб картичка.

[facebook]

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email
Print
error: Content is protected !!