Украсувањето на Скопје ,,изгоре” 285.000 евра, елката ќе блесне в петок

Новогодишниот базар „Винтерленд 2020“ со работа ќе почне во петок, на 6 декември годинава, со осветлување на новогодишната елка на плоштадот „Македонија“, информираше денеска скопскиот градоначалник, Петре Шилегов. Елката ќе биде дигитална и е најавена како изненадување.

Новогодишните куќички на зимскиот базар, годинава, ќе бидат сместени на новиот плочник помеѓу ГТЦ и плоштадот, а новогодишната програма ќе трае 25 дена – од отворањето, па до 31 декември, до дочекот на Новата 2020 година.

– Очекувам во Скопје да се создаде вистинска предновогодишна атмосфера, каква што не сме имале досега. Минатата година „Винтерленд“ побуди голем интерес кај нашите сограѓани, а јас сум убеден дека годинава ќе биде посебна на свој начин и ќе привлече уште повеќе посетители. Не очекуваат многу музички изненадувања од земјава и од регионот, кои треба да ги задоволат сите вкусови и да гарантираат добра забава. Затоа, ги поканувам граѓаните да го посетат „Винтерленд 2020“ со своите најблиски, да уживаат во празничниот амбиент и да ја почувствуваат новогодишната магија – потенцираше Шилегов.

Во близина на куќичките во „Винтерленд“ ќе биде сместена мала сцена на која секојдневно ќе се организираат настани кои ќе го привлечат интересот на сите граѓани, без разлика на возраста. На овој простор се предвидени и катчиња за детски игри, како и разновидни содржини од новогодишен карактер.

Во работните денови, секој ден, ќе има два часа детска програма која ќе почнува околу 16 часот, а подоцна ќе има три часа програма за возрасни. За време на викендите е планирана целодневна програма која ќе почнува точно напладне. Главна музичка ѕвезда за новогодишната прослава е Дино Мерлин.

ЗА УКРАСУВАЊЕ – 285.000 ЕВРА

Во текот на вчерашниот ден, започна и украсувањето на градските улици во метрополата. Идентично како и изминатите 10 години, тендерот за оваа намена го доби ,,Линк медиа плус”.

Овогодинешниот договор меѓу Град Скопје и фирмата е склучен на 285.000 евра, за 30.000 евра повеќе од лани.

[divider style=”solid” top=”20″ bottom=”20″]

[facebook]

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email
Print
error: Content is protected !!