Град Скопје во соработка со Министерството за труд и социјална политика, денеска, ги отстрани импровизираните објекти на ролерско-велосипедската патека на кејот на Вардар, а просторот е исчистен.
Оваа локација е посочена како место на кое често се врши нелегално палење на отпад што придонесува за загадувањето на воздухот во Скопје.
Ова е второ чистење на оваа локација во изминативе две години и иселување на лицата кои живеат на оваа дива населба, посочи скопскиот градоначалник Петре Шилегов.
– За таа цел решивме овојпат, покрај нивно дислоцирање, да извршиме и целосно чистење на просторот со цел да спречиме нивно повторно враќање. Градот работи да ја утврди и сопственоста на конкретната локација, бидејќи тука имаше спорни состојби. Доколку истото е приватно земјиште да го задолжиме сопственикот истото да го огради, а доколку е државно истото да го облагородиме и да го урбанизираме и да спречиме повторно да се создаваат вакви појави – кажа Шилегов за време на денешната масовна акција за почисто Скопје.
Акцијата се одвиваше на 20 локации во градот, а се вклучија 40.000 административци во цела земја, вклучително и вработените во Град Скопје, јавните претпријатија и други градски установи.
СЕ ПРОШИРУВА И РЕКОНСТРУИРА ,,ПЛАСТИЧАРСКАТА УЛИЦА”
Отпочна првата фаза од проширувањето и реконструкцијата на булеварот Никола Карев, односно познатата Пластичарска улица. Градежните работи се изведуваат на потегот од клучката кај Бит-пазар до влезот во касарната „Илинден“, во должина од 1.440 метри.

Увид во градежните активности на оваа делница извршија градоначалникот Шилегов заедно со премиерот Зоран Заев.
Важноста на булеварот Никола Карев, како магистрална сообраќајница која ја користат голем број граѓани, ја потенцираше премиерот Заев. Рече дека улицата поврзува 4 општини – Гази Баба, Чаир, Центар и Карпош, а по булеварот дневно се движат десетици илјади возила.
– Овој потег е особено значаен заради огромниот број стопански субјекти и големата фреквенција на граѓани кои се движат тука, дел како потрошувачи, дел како деловни соработници и доставувачи за компаниите кои тука имаат продажни или друг вид објекти. Истовремено, булеварот Никола Карев е врска на источната и на западната порта на Скопје, што ја прави уште позначајна и од посебен интерес за граѓаните – кажа Заев.
Шилегов објасни дека на овој дел ќе се изведе атмосферска канализација која досега не постоела, а ќе се изврши и целосна реконструкција и на другите подземни инсталации за што се известени правните субјекти.
– Правилото е јасно – пет години по завршувањето на реконструкцијата на одредена сообраќајница нема да дозволуваме прекопување. Ова е прва фаза од реконструкцијата на оваа улица, во тек е проектирањето на втората фаза и очекувам напролет да ги продолжиме градежните работи од влезот во касарната „Илинден“ до спојувањето со булеварот Словенија, заедно со големата клучка која планираме да ја направиме кај Тетовска трошарина – рече градоначалникот.
Станува збор за делница која е една од најфрекфентните точки во градот. Градските власти разговарале со сопствениците на деловните објекти по должината на оваа улица со цел градежните работи да не го нарушат во голема мера нивното работење.
Очекувањата на Шилегов се во април 2020 година, оваа делница да биде готова, по што Скопје ќе добие современа сообраќајница со 4 сообраќајни ленти, велосипедска и пешачка патека и средишно зеленило каде што тоа го дозволува просторот.
[divider style=”solid” top=”20″ bottom=”20″]
[facebook]