Не се борете никогаш со ,,опинок”, подобро закажете кај Жане-нокти

Раскажувачката – 🎬 Пишува: Фросина Ѓорѓиоска

„Многу одамна научив дека никогаш не треба да се борите со свиња, зашто на крајот и двајцата ќе се извалкате, но свињата ќе ужива во калта.“ – Џорџ Бернард Шо, оправдано непознат кај голем дел од населениево затоа што не се споменува во ни една турска серија, го нема на вести, го нема во каталог кај ,,Жане Нокти еФтино”, ни во кладилница, а ни во песните на Аца Лукас. Џорџ Бернард Шо не иде со светкава најлон хулахопка и ордевер на маса, како врвно животно достигнување.

Кога сме веќе кај Бернардовата кал и свињи, јас имам едно надополнување.
Има еден феномен во нашево општество познат под терминот ОПИНОК. Во литературата оваа стилска фигура се вика метафора, а во психологијата се нарекува – криза на идентитет. ,,Опинокот” не е географска одредница, туку дефиницијата за овој феномен е социопсихолошка.
,,Опинок” е личност (ако може да се нарече личност) која има силна потреба од докажување на сопствената вредност (која ја нема) и стручност по пат на наметнување. Не е вистински образован, дури и да има завршено факултет. ,,Опинокот” е само обучен. Меѓудругото е длабоко напикан со јазикот во ректалниот дел на авторитетите, затоа што од дома така е воспитан, под онаа малограѓанска фраза – гледај си за себе, ти да се снајдеш.
Па, имате: ,,леле шефе, вие сте секогаш во право, само вие и никој друг. Туку, шефе, да ви кажам за онаа што иде секој ден насмеана на работа, ведра, ко пијана, многу несериозно делува, бидејќи е насмеана и забавна. Ние сме сериозна фирма. Еве пред некој ден доцнеше цели 5 минути, а и многу споро јаде, знаете шефе, непрофесионализам е тоа”.

Во природата на ,,опинокот” е да кодоши, оправдувајќи се дека тоа не е кодошење, туку е дел од описот на работните обврски кои ги има. Затоа и намерно се бираат такви. Обучени, а необразовани. Без идентитет и достоинство, со еластична кичма за виткање надолу. Имам разбирање за нив. Тие немаат како поинаку да се истакнат. Тие мораат да укажат на секој неважен недостаток на другиот и да го направат важен, со преувеличување, затоа што само така можат да бидат забележани. Ќе го искритикувам другиот, ќе укажувам на неговите слабости, за јас да испаднам подобар/подобра во очите на авторитетите.
Овој тип на луѓе уживаат да потенцираат нечија слабост или неважна грешка. Така им се храни егото, ставот им е како на паун пред парење, а на лицето колку и да сака да сокрие, му се гледа блажено задоволство што успеал некого да ,,спушти”.

ПРОЧИТАЈТЕ ДРУГО: СДСМ, вие држава знаете да водите?

,,Опинокот” кога ќе го испратат од дома да успее – тој мора да успее. Свесен е дека нема друга опција. И граба сè пред себе. Учен е на натпревар, место на соработка. На егоизам, место на алтруизам. Егото кое го голта пред неговите надредени, го проектира со најјак можен интензитет пред своите подредени. Фрустрацијата мора негде да избие. И тоа на најсељачки можен начин. Опинокот влегува кај својот претпоставен со свое мислење, а излегува со негово. Тоа е таа ,,јачина” на карактер. Од климање со глава вратот ќе го шинат. Интригите и кодошењето се карактеристика на вукојебински ментален склоп и нема бегање од сопствената природа. ,,Опинокот” нема развиено критичка писменост. Тој е обучен за хиерархија, за да биде штрафче од системот. Колку и да се качува по хиерархиската скала, секогаш ќе биде изнервиран кога ќе наиде на некој попаметен, поначитан и со побогат вокабулар (не пообучен) од него, а е хиерархиски подолу. Мајндсетот им е така скроен. ,,Опинокот” нема искулирана природа, тој е во постојан грч за натпревар, за триумф, за докажување. Очите му се широко отворени за да забележат некоја неправилност кај другиот, затоа што тогаш се нивните 5 минути. Дури и ставот им е крут, чекорот, држењето на телото и импресиите на лицето не даваат слика на искулирана личност, туку на кретен кој мисли дека постојаната сериозност е знак на професионализам. На опинокот не му е проблем да биде ставен во калап.

Уште од мали ги учат да не се двојат од толпата, затоа што многу е важно што ќе речат другите. Што ќе речат комшиите. Тие се растени по тој модел, да бидат стегнати, со навидум крената глава и секогаш во најдобро светло за на ,,сретсело” да нема што лошо да се збори за нив. А ,,сретсело” може да биде и улица Македонија.
Затоа на ,,опинокот” не му е тешко да биде крут. Крута и лицемерна им е и онаа куртоазна насмевка кога велат ,,здраво”, а знаат дека според бонтон правилата пожелно е да се насмевнат кога поздравуваат некого.
Притоа, има очајна потреба да не биде ,,опинок”, но начинот на кој се обидуваат да бидат ,,ципела” им е погрешен. Максимум што можат да постигнат во животот е да имаат титула. Ама и титулите грдо стојат на опинок со егзотичен дизајн. Калта што ја имаат не се мие, затоа што калта е метафора за нивната нечистотија во душата и карактерот.
Иако зборовите им бликаат од финоќа, обидувајќи се да прикријат колку се расипани, душата им смрди. Делата им се гнасни, ниски, примитивни. Желбата за докажување им потекнува од чувството на помала вредност во однос на другите и во тоа докажување колку се добри го губат и моралот и достоинството и човечките квалитети. Врв на интелектуална наобразба на ,,опинокот” му е Паоло Коелјо и ,,Алхемичарот”.
Мене и у прва средно ми беше малце приглупа таквата литература, а веќе у втора тие бљувотини (или врв за глуперди) ни оддалеку не ја задоволуваа мојата интелектуална љубопитност. И сеа ти доаѓа ,,опинок”, ти се курчи, а Коелјо е максимумот во неговиот живот. Па, нема посмешно. Трагикомично. И ти се курчи под изговорот дека му се може.
Ама, макотрпна и тешка им е работата. И лижењето задник си има своја тежина, особено ако немаш проблем со синусите. А, и кодошењето не е лесно. Треба да памтиш еден куп небитни информации и да ги осмислиш како битни.
Залудни ви се сите  хиерархиски успеси и титули, ако ја немаш онаа најголемата титула – ЧОВЕК. Човек кој нема да гази по другите за да успее. За жал ова е балкански феномен, а целиот Балкан е една паланка во која вирее сељачизам, примитивизам, завидливост и егоизам. Секоја чест на маргинилизираните исклучоци. Велам маргинализирани, затоа што ,,опинците” владеат со овие простори. Нема да мрднеме од дното заради психолошкиот проблем:,, јас сум овде шеф и мојот збор е последен, не прифаќам туѓи идеи (дури и да се продуктивни), бидејќи јас сум главен”.
Балкане, Балкане мој …

[divider style=”solid” top=”20″ bottom=”20″]

[facebook]

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email
Print
error: Content is protected !!