Од понеделник, германските власти ќе воведат едномесечни ограничувања во јавниот живот. Ќе ги затворат рестораните, фитнес-центрите, театрите, поради напливот на новозаразени со коронавирус.
„Потребно е да реагираме веднаш“, потенцираше канцеларката Ангела Меркел со акцент дека ситуацијата е многу сериозна.
Според Меркел, клучот е во намалување на контактите, со ограничување на штетата за економијата.
Приватните собири ќе бидат ограничени на десет лица од најмногу две семејства. Рестораните, театрите, кино салите, баровите, како и базените и вежбалните ќе бидат затворени, а концертите откажани.
Професионалните спортски настани ќе се одржуваат зад затворени врати.
Германските власти на граѓаните им препорачаа да не патуваат ако кои не е неопходно, а престојот во хотелите е дозволен само за неопходни бизнис патувања.
Ќе останат отворени единствено училиштата и градинките, како и маркетите и продавници, со строго почитување на мерките за социјална дистанца и хигиена.
За фирмите кои ќе мора да затворат и ќе бидат во загуба поради новите мерки, Владата, ќе обезбеди пакет од 10 милијарди евра. Помалите фирми, до 50 вработени, ќе добијат 75 отсто од минатогодишните приходи за месец ноември.
Германија последните денови почна да бележи рекордни бројки на новозаразени. Во последното деноноќие, регистрирани беа 14.964 новозаразени, што, според Меркел, може да го колабира здравствениот систем.
„Нашиот здравствен систем сè уште може да се справи со овие предизвици, но со оваа брзина на инфекции ќе го достигне лимитот на својот капацитет за неколку недели“, предупреди германската канцеларка, додавајќи дека некаде мораат да ги намалат контактите, а ако чекаат подолго, ќе мораат повеќе да ги редуцираат потоа.
Здравствените власти на Германија не се во можност да го следат потеклото на заразата кај 75 отсто од инфицираните, па поради тоа е сè потешко да се развијат адекватни мерки за заштита.
[divider style=”solid” top=”20″ bottom=”20″]
[facebook]