Бугарите во 1946 ни ги дадоа светите мошти на Гоце и силно викнаа во Софија – ,,Да живее Македонија!”

Дел од говорот за Гоце Делчев на бугарскиот функционер, политичар и комунист Тодор Павлов, одржан на 7 октомври, 1946 година во Народниот театар на Софија на свечено собрание по повод пренесувањето на коските на Гоце Делчев во Македонија.

,,Ете, денес се собравме овде, во срцето на отечественофронтовска Софија, за да му оддадеме слава и почит на споменот на големиот македонски син и неговото историско револуционерно, национално, социјално и културно дело.

Дојдени ни се неговите верни ученици, борците на Народниот фронт за слободата на Македонија и творци на нејзината нова национална и општочовечка култура, за да ги земат коските на својот национален учител, водач и херој и да ги пренесат во Скопје – главен град на новата, веќе слободна, федерална Македонија.

Бугарскиот печат во 1946 година ја призна слободна Македонија и нејзиниот син, Гоце Делчев

Јас немам ниту можност ниту овластување да давам некакви особени изјави или декларации од чисто политичка природа. Но, сепак, мислам дека имам право и должност да го кажам овде следново:

Овој чин, чинот на пренесување на коските на Гоце Делчев од нова, слободна, отечественофронтовска Софија во новиот главен град на македонската слободна држава, смело ќе кажам, има големо историско, симболично значење, уште повеќе затоа што на нивниот пат тие ќе поминат и низ Пиринска Македонија.

Свеченото и искрено испраќање на светите коски на Гоце, кое новата ОФ Бугарија го организира, исто така претставува голем историски и симболичен чин кој покажува дека во Македонија, во цела Југославија, како и овде во ОФ Бугарија, работите од корен се променија и тоа во смисла и пред се главно на довршување и логичен крај на историското дело на Гоце и на сите негови современи и подоцнешни ученици и соборци.

Македонија може да биде, треба да биде и конечно ќе биде обединета во своите природни историски граници”.

Павлов, говорот го завршува со зборовите:
,, Да живее Федеративна Титова Југославија!
Да живее отечественофронтовска народно-републиканска Бугарија!
Да живее слободна, суверена, народно-републиканска, и во секој поглед прогресивна федерална Македонија – остварениот сон на бесмртениот и легендарен нејзин син, претходник на Националниот Македонски Фронт – Гоце Делчев!”.
[Извор: Документи за борбата на македонскиот народ за независност и национална држава – страна 705
ЦИП – НУБ „Климент Охридски“, Скопје 949.717.02/.07(093.2) Том 2: Од крајот на Првата светска војна до создавање на национална држава Уредник: Христо Андонов – Полјански, Скопје 1985 Култура, Македонска Книга]

Тито и Георги Димитров го вратија Гоце дома – во Македонија

Ковчегот, во кој се наоѓаат моштите на Гоце Делчев лежи на четири лавовски шепи.
Ковчегот во кој се пренесени коските на Гоце Делчев од Софија во Скопје во 1946 година го изработил резбарот Нестор Алексиевски-Мирчевски. Го изработил за 21 ден.

Враќањето на коските на Делчев во престолнината на Македонија е меѓусебен политички договор меѓу Јосип Броз-Тито и тогашниот бугарски државник, Георги Димитров.
Моштите се пренесувале три дена, а од Софија ги презела македонска делегација.

Ковчегот за 21 ден го изработи копаничарот Нестор Алексиевски-Мирчевски

По загинувањето на Гоце Делчев во Баница, посмртните останки неколку пати биле преместувани, пред да пристигнат дома – во неговата слободна Македонија.
На ковчегот изрезбани се грбовите на Македонија и екс Југославија, како и пораката ,,Слобода или смрт – од револуционерниот комитет”.
Во центарот, меѓу разни други мотиви, е ликот на Делчев, со ловоров венец.
Во ковчегот, моштите се обвиткани со црвена  свила како симбол на Илинденското востание.

Пред овој ковчег, моштите биле положени во дрвено сандаче, кое било чувано во Софија, во македонски дом. На него бил изрезбан аманет: „Се заколнуваат идните генерации светите мошти да бидат погребани во престолнината на независна Македонија“.

[divider style=”solid” top=”20″ bottom=”20″]

[facebook]

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email
Print
error: Content is protected !!