Фактите не се бришат: Во Бугарија постоеја два конц-логори за Евреи!

Меморијалниот Музеј за сеќавање на жртвите од Холокаустот, ,,Јад Вашем”, со седиште во Ерусалим, Израел, уште во 1998 година ја објави картата на концентрациони кампови во Европа за време на Втората Светска војна каде во најголем дел се мачени, транспортирани и убиени Евреи од земјите под окупација на нацистичка Германија.

Мапа на нацистички транзит – кампови во Бугарија

На картата во прилог може да видите дека во царска Бугарија, во нацистичката ера – имало два концентрациони кампа, во градовите Дупница и во Горна Џумаја, кои, служеле за транзит на Евреите кон други концентрациони логори во Европа.
Во случајот со Бугарија – транзит кон Треблинка, Полска, каде нацистите изградиле логор за убивање.

Оваа информација на ТВ ,,Алфа”, деновиве, ја кажа и Рашела Мизрахи во утринска емисија, посветена на тема – блокадата која Бугарија ја стави на Македонија на патот кон ЕУ, негирајќи го нашиот идентитет, јазик и историја.
И имено инсистирањето на службена Софија да се брише дел од македонската историја за учеството на фашистичка Бугарија во многу злодела и убиства. Освен злоделата врз партизаните и комунистите, секако и историскиот незаборав за депортацијата на 7.148 Евреи од железничката станица во Скопје кон логорот ,,Треблинка”, од каде не се враќа никој жив.

Што велат фактите од еврејските архиви за фашистичка Бугарија?

На 21 јануари 1941 година, Цар Борис III го потпишува Законот за заштита на нацијата. Евреите станаа граѓани од втор ред, им се одзема сè, цел имот мора да го продадат, а парите да ги уплатат на државно конто на царска Бугарија. Забрането им е да посетуваат кина, театри, библиотеки, маркети, да работат она што сакаат, воведен е полициски час само за нив.

Царот на Бугарија, Борис Трети, кој, го потпишува нацистичкиот Закон за заштита на нацијата, со кој Евреите стануваат граѓани од втор ред

Следува нацистичко-бугарски договор од 22 февруари 1943 година за депортација на 20.000 Евреи од Бугарија, Грција, Македонија, односно Тракија, Пирот, Дупница, Радомир, Горна Џумаја. Дел од еврејската популација, тогашна Бугарија задржува за тешка физичка работа на инфраструктурата во земјата.

Бугаринот Иван Захариев ги изготви листите на смртта

Иван Захариев е шеф на скопската канцеларија на Комесаријатот за еврејски прашања кој има задача до 20 фебруари 1943 година да го подготви списокот на целокупното еврејско население во Македонија и Тракија.

Во бугарски аранжман во март 1943 година, депортирани се 7.148 Евреи од Скопје во Треблинка и таму сите се погубени. Некои од нив биле при крај на животни сили уште при транспортот од гасовите кои им биле пуштани во вагоните. Другите се погубени исто со гасови, во најголеми маки, со оглед дека во ,,Треблинка” во тоа време го немало убиствениот пестицид ,,Циклон Б” за брзо умирање.

Бугарија не чувствува вина за убиството на 11.000 Евреи

Во 2000 година, на Меѓународниот форум за холокаустот во Стокхолм, бугарскиот претседател, Петар Стојанов, побара признание за хуманоста на Бугарија, да се официјализира како добродетел, а не како земја која убивала Евреи во име на нацизмот и ,,оската” на Хитлер, чиј сојузник беше.
Организаторите го отфрлија таквиот предлог на Петар Стојанов, а организацијата на Евреите од Грција и од Македонија со докази го демантираше ваквото извртување на вистината.
Еврејската заедница во Македонија, на 19 февруари 2000 година, упати апел барајќи да се утврди вината на Цар Борис III за геноцидот над Евреите.

,,Фашистичка Бугарија од времето на Борис III е виновна за смртта на 11.000 Евреи депортирани од Македонија и Тракија за време на Втората светска војна за што добиваше по 300 германски марки од испорачана ,,еврејска глава”, напиша Виктор Мизрахи во 2000 година.

Наспроти тврдењата дека бугарската држава успеала да спаси ни повеќе ни помалку туку рамно 50.000 Евреи, стојат фактите кои не може да ги демантира ни бугарската наука дека токму во бугарска режија 7.148 Евреи од Македонија, во март 1943 година, беа депортирани во Треблинка и таму погубени, пишува на страницата на Меморијалниот Музеј на Холокаустот – Скопје.

[ПРОДОЛЖУВА…]

[divider style=”solid” top=”20″ bottom=”20″]

[facebook]

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email
Print
error: Content is protected !!