Бугарија не собра сила да се однесува европски. Бугарија дозволи, да испорача гест кој не покажува ни пријателство, ни братство, рече премиерот Зоран Заев во денешното видео обраќање до нацијата по повод ветото на Република Бугарија на нашиот пат кон ЕУ.
Како што потенцираше, оваа неодговорна грешка на Бугарија е горчлива вест за целата наша нација.
– Бугарија стави вето, го прекрши Договорот за добрососедство и пријателство и со тоа застана на патот на нашата европска интеграција за која во повеќе наврати институциите на ЕУ и земјите-членки, вклучувајќи ја и Бугарија, потврдија дека целосно ги исполнуваме условите – посочи премиерот.
Продолжи со акцент дека ставот на Бугарија е целосно ирационален и навредлив за Македонците и за целиот наш народ и дека ,,во 21 век, не е европски, ниту демократски, да му кажете на друг како да се чувствува, како да се самоопределува”.
– Не е европски да му ја пишувате историјата на друг народ. Да му наметнувате идентитет на друг народ и да го убедувате дека треба да го прифати. Затоа ние застанавме цврсто во одбрана на македонските национални интереси. Не дозволивме да се чепка во достоинството на македонскиот идентитет и во столбовите на идентитетот, а тоа се македонскиот народ и македонскиот јазик – децидно подвлече премиерот.
Столбовите на нашата државност од минатото нема да бидат загрозени, а тоа се АСНОМ и нашиот антифашистички идентитет.
Во нив се и темелите на македонскиот народ и македонскиот јазик, поточно ,,тоа се нашите столбови за иднината”.
– Ние сме свои на своето. Чисти пред себе и пред светот. Знаеме кои сме и точно знаеме каде одиме. И точно знаеме за што смее, а за што не смее ниту да се преговара ниту да се разговара.
Ние одбивме да преговараме за работи за кои не смее ни да се разговара! Преговори со ЕУ да, но не по цена на ревизија на македонскиот идентитет. Не под условите кои сега ги наметнува Бугарија.
Ние велиме – ДА за Европа и велиме НЕ – за уцени врз македонскиот народ! И НЕ за уцени врз нашите сограѓани Албанци, Турци, Роми, Срби, Бошњаци, Власи и сите други – порача тој на Бугарија и ЕУ.
Станува збор за неодговорна и тешка геостратешка грешка, процесот на проширување како стратешка цел на ЕУ го запре Република Бугарија, од позиција на земја-членка. Од друга страна, добар сигнал е што нашите меѓународни пријатели и сојузници не ја премолчуваат оваа грешка.
Македонската Влада се надева дека штетата што е предизвикана од ова неоправдано вето за европската интеграција на регионот и за европските вредности – ќе може да се надомести за брзо време.
[divider style=”solid” top=”20″ bottom=”20″]
[facebook]