Почитувани,
Дозволете да Ве информирам за сериозен инцидент со ваш вработен, Божидар Јововиќ, на ден 15.03.2021 година во 13.45 часот.
Инцидентот, предизвикан од него (кој го квалификувам како вербално насилство на раб да прерасне во физичка пресметка) се случи во ходникот на вашите простории ,,Една точка за услуги” во рамки на објектот на Кеј (стара ,,Комерцијална банка”). Во ходникот, имено, се наоѓа неговото работно место каде тој треба да дава информации на странки. И толку.
Услугите се во внатрешниот дел од салата, каде не можев да влезам поради него.
Кога пристигнав да земам ,,Извод од матичната книга на умрените” за мојата покојна мајка, која почина пред десет дена и побарав број за чекање, тој почна да ме испрашува: ,,каде е умрена?”. Му одговорив – ,,во Скопје”.
Продолжи да ме прашува – ,,каде?”.
Повторно му одговорив – ,,Карпош, Скопје”.
И покрај логичните одговори, тој пак праша ,,каде?”, но со повисок тон.
На моето чудење му немаше крај – како да сум во некоја полициска станица.
Во тој момент, стана агресивен, почна да мафта со раце, да се тресе неконтролирано и да вика гласно: ,,девојче, се обидувам да ти помогнам. Нешто си ми нервозна, а мене денеска ми е роденден”.
Сето тоа е регистрирано на камерите, кои се надевам службите веќе ги прегледале.
Тоа викање го прекинав, му кажав и дека има сериозен проблем, а ќе се вратам, но секако ќе побарам дисциплинска постапка за него. Имав сериозен сомнеж да не е под дејство на алкохол, бидејќи самиот кажа му било роденден.
Му побарав име и презиме, не ми даде.
За да не се претвори инцидентот во физичка пресметка, како што веројатно му беше намерата – излегов надвор.
Додека зборував по мобилен телефон, надвор од објектот, по некоја минута, Јововиќ излезе, а јас тргнав да влезам за да завршам работа. Пред влезната врата, значи пред да влезам, тој почна пак да вика: ,,што е ма Јоци, нели ме познаваш, јас сум Божидар, работевме заедно”.
На овие негови инсинуации од непозната природа, би акцентирала, во мојата 20 годишна кариера сум работела единствено во ,,Вест” и ,,Дневник” (17 години вкупно), а лице со неговото име и презиме – не било вработено во двата медиума во ниеден момент. Јас овој човек – не го познавам! Претпоставувам измислува прикаски.
Кога повторно влегов кај ,,пријавницата”, Јововиќ конечно ми даде број за чекање. Мојот ред дојде по една минута и кога влегов во холот кај шалтерите, го слушав зад мене како се обраќа на обезбедувањето и вработените: ,,не ја знаете која е? Новинарката Јоци”, на што се крстев, а и тоа веројатно камерите го регистрирале.
На шалтерот на Министерство за правда, вработениот за кој дознав дека се вика Игор, беше прељубезен. Бидејќи ги носев сите документи, целата процедура се заврши за 10 минути.
Она најважното, додека седев на столчето на ,,правда”, Јововиќ повторно се доближи до мене и почна нешто да му шепка на вработениот – продолжи да провоцира со одземање на неговото внимание, а и на моето време.
На сето ова останав прибрана, како и претходно и тоа може да го потврдат сите.
Да имало проблем од моја страна, би реагирало обезбедувањето секако. Би ме исфрлило. Такво нешто – немаше.
Почитуван господин министер,
Ставете се на мое место. Што би направиле вие во ваква ситуација со ваков агресивен службеник кој се изживува? Во случајов врз жена- странка чиј родител починал неодамна? Би останале прибрани?
А, зошто е потребно да остануваме прибрани на викање, агресија и провокации, кога плаќаме даноци службениците да работат за нас – граѓаните!?
Господин министер, дали знаете дека во тој објект, на дневно ниво, доаѓаат странки кои не се едуцирани за секакви бирократски работи и на многумина им е потребно објаснување, разбирање, професионалност, а не некој кој се сили покрај обезбедувањето, ја злоупотребува положбата на институцијата, а притоа и го нарушува угледот на министерството и Вашиот?
Дали знаете дека лицето Божидар Јововиќ пред да биде вработено на ова работно место имал конфликт со обезбедување во ЈСП, затоа што не сакал да плати карта?
Сметате дека ваков човек треба да работи со странки, кои верувам се и над 300 на ден во тој објект?
Секако, не очекувам да знаете што се случува во ваши филијали секој ден, затоа и Ве информирам.
Во прилог линк каде самиот признава дека има во него внатрешен конфликт од непозната природа и не му е туѓо да предизвикува инциденти и да влегува во конфликти каде стаса, непочитувајќи основни востановени норми на однесување во општествениот живот :
https://m.youtube.com/watch?v=
Да заклучам. Службеникот Јововиќ ги премина сите црвени линии. Нема професионална дистанца, нејасно внесува лични емоции во контакт со странки и свесно предизвикува инциденти кои вознемируваат.
Ниту некој е должен да трпи вакви луѓе, уште помалку да премолчи и да толерира несреќници.
Од мои интерни сознанија, на Јововиќ не му е првпат вакво однесување. Напротив, трае веќе една година наназад – како со работната околина, така и со странки.
Дали човекот е во его дека објектот му е дедовина, а тој е фараон со робови околу него – не знам. Ниту ме интересира.
Но, она што за сигурно го знам и барам е – Вие, како министер и службите, да ги преземете сите законски мерки, да испитате и да поведете дисциплинска постапка против Јововиќ.
Во очекување да ме информирате за текот на постапката,
Со почит,
Јорданка Ивановска”
Фото: (Официјален веб сајт на МИОА)