Денеска во Бутел: Мајка и ќерка во ист ден погребани во еден гроб

Бев денеска кај покојните ми родители, да им запалам свеќа. До нив се закопани и баба ми и дедо ми. Запалив свеќа, однесов цвеќе. Оградата која ја фарбав не ми е уште завршена, но речиси е готова. Си велам, денеска не ми е до фарбање, има други денови. Како што велеше и Скарлет О’Хара.

Бидејќи доаѓа Велигден, отидов и до кај другите баба и дедо, подолу се во Бутел – да им средам малку. Не сум била можеби една година.

Стасувам, се паркирам и гледам оддалеку двајца копаат. Вадам работите од кола, едно по едно, полека, застанав… земав да подзагледувам троа, сепак носам наочари, што да видам – земја баш кај нив!
– Лелееее, овие несреќиве од Бутел, по грешка ги откопале стариве! – прва мисла ми беше таа.

И готово, спремна за пцовки, за мајки и шајки, за динамит да ставам некому под фотелја, се доближувам полека.
И стварно земја кај баба ми. Ама од друга парцела. Малку ми олесна, па на гробариве им велам – ,,Дечки, шо напраивте бе, на четири страни сте се расфрлале. Ова да соберете сè, важи?”.
Тие на мене – ,,Ооо, нема проблем, ама ние само откопуваме, други ќе закопуваат”.
,,Ај, анасана”, си помислив, ,,колегиве на овие гарант нема да соберат”.

Фини вака, шо е право. Не може човек да им се лути, реално нема каде да ја фрлаат земјата, па мора вака.

Ми кажаа дека во 14 часот ќе имало погреб, да не останувам долго, ќе имало гужва.
Ги прашав зошто гужва, кога не смее многу луѓе да се собираат по погреби.
– Епа, двајца ќе закопуваат во гробов. Мајка и ќерка. Затоа – ми рече едниот, а јас се стаписав. Останав без глас. Немо ги набљудував овие луѓе со тешка задача – да фрлат лопата со земја врз некој на кој предвреме му се прекинал животот.

И, како тоа да не беше доволно, продолжи со друго: ,,А, го гледаш гробов свеж до нив. Е, тој бил братот, починат пред еден месец”.
И, тука веќе ме полазија морници. И веднаш земав да барам нешто дрвено наоколу да чукнам три пати во дрво. Не сфатив чиј брат, дали на мајката или на ќерката, но не прашав.
Три члена од фамилија отишле во еден месец. Според она старо народно верување, се повлекле еден со друг, што не е на арно.

Ги прашав дали е ковид, ми рекоа дека веројатно е тоа. Не беа сигурни.

Не знаев што да правам – дали да средам кај моиве (на мајка ми родителите) или да оставам за друг ден. Ми се зема силата од муабетов.
Им реков – ,,Малку шубе, вака, јас да чистам, вие да копате, а?”.
А, тие – ,,А, неее…навикнати сме ние”. Ете, прави професионалци.
И, така, малку ми олеснија!

Јас чистев, тие копаа. Едниот ќе одмори, па другиот. Таа земја таму е глина, тешко се вади, реално.
Па, меѓу неколку лопати, неколку реда муабет: ,,Лани вака не беше. По 20 погреба имаме сега на ден. Коси вирусов”, раскажаа како им поминува денот.

Пред да заминат, ги прашав: ,,Дечки вие наоѓате злато кога копате, а? Си го земате или…? Немојте! Баксуз е тоа, нема аир”.
Едниот ми рече: ,,Аууу, не! Не ги ни гледаме, само со еден фат ги фаќаме и ги ставаме во вреќа. Од каде да знаеме кој од што бил болен ако ги фатиме со голи раце”.
Во право е, човекот.
Не е сè злато што блеска.

На крај ми ја земаа вреќата со ѓубре и ја однесоа до патот – да ја собере служба. А, не им ни реков. Џентлмени.

На улицата, каде се паркирав, легнати на еден гроб, се гледаа мајка – кучка со едно кутре. Некоја мешавина на лабрадор.
Им дадов да јадат. До нив имаше луѓе, на неодамна починат. Им даваа и тие цело време храна, додека бев таму.

Си заминав пред да дојде поворката.
Мајката и кутрето ја дочекаа поворката и ја испратија. И секој ден ќе чекаат на исто место да дојдат добри луѓе, да дадат за душа на покојните – и ним.

[divider style=”solid” top=”20″ bottom=”20″]

[facebook]

 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email
Print
error: Content is protected !!