Ако некој маж, во овој живот, заслужува нежно писание од мојава рака, тоа е само мојот прекрасен татко, Русе. Нема друг, нема да има друг за кого било што ќе напишам со беспоштедна љубов. А, ми требаа 20 години да напишам било што. Не можев досега. Никој не заслужува, никој не е толку голем во моите очи како татко ми. Просто, недостижен како сенка, како што пееја Слаѓана и Дадо во ,,Принцеза”.
Ако беше жив, денеска, на 30 мај, ќе наполнеше 82 години.Не доживеа толку, почина на 25.9.2002, пред 19 години – во сон.
Гледаше фудбал, јадеше, си легна и почина во 1.05 минути. Го слушнав од мојата соба неговиот последен здив кој го зема во таа една секунда, додека спиеше длабоко.

Единствениот мирис кој ми остана од татко ми се наоѓа во неговиот службен, црн кожен куфер со кој патуваше во многу земји. Секогаш тој куфер беше подготвен за пат, само се додаваа нови кошули, марамчиња, кравати…зависи што треба.
Во оваа мала кутија, која ја чувам – и по 20 години, сè уште е буквално конзервиран мирисот на тоалетната вода која ја користеше, сапуните кои ми ги носеше од стотици хотели, мирисот на пената за бричење…во него е и малиот несесер кој му го подготвував пред да патува.
Кога ќе му јавеа дека треба да патува некаде, понекогаш и доцна навечер, обожував да му ги местам внатре кошулите, пижамите, несесерот….мајка ми покојна ми ги подаваше, јас ги редев. И секогаш пред да замине му се бесев на врат да го бакнувам за ,,среќен пат”.
Не ми беше јасно зошто некогаш му се јавуваат толку доцна, не прашував, мајка ми не ми кажуваше, а е сосема неважно од оваа дистанца.

Не беше совршен. Имаше многу незгоден карактер за многу луѓе. Не беше паметно со него, некој – да си игра, камоли со жена му и ќерка му. Можеше да уништи некој, ако му згреши. Од друга страна, тие што беа добри за него, видоа аир.
Беше многу лош ако сака за многумина, но мене ми немаше кренато глас никогаш, за ништо. Дури и кога ме фаќаше во лага, со цигари, со дечковци кои не му се допаѓаа по ниеден основ, кога бегав од часови…секогаш се трудеше да ми објасни што е паметно, а што не.
Неговиот глас, со совети, продолжи да ми одѕвонува во глава и по него.
Секогаш знаеше каде сум и со кого сум. Тоа беше нашиот договор за кој мајка ми не знаеше. Му се јавував и во 3 наутро за да ме земе од некаде со кола. Доаѓаше во пижами, без поговор.
Беше и мој приватен таксист, да.
Мајка ми не беше жена која имаше трпение за такви нешта, но оставаше на него. Татко ми секогаш знаеше што прави. Ми фали тоа често. Луѓе кога ќе кажат нешто, тоа и навистина да го направат – брзо и ефикасно.
Мајка ми често ми велеше – ,,цела си таткич”.
Јас бев за него Ава Гарднер, ништо подолу. И Џејн Фонда. Тие две му беа неговите глумици. А, тој беше мојот Џемс Дин – бараба, а господин, битанга, а лепотан, нежна душа, татко за пример…беше подготвен да убие некој ако треба за мене. Не беше фолирант, вадеше пиштол ако треба, не предупредуваше.
Не ме учеше да бидам добра со секого. Напротив ме научи многу техники, кои не се за јавност. За да преживеам и по него.
Не сум сретнала друг маж во мојот живот, толку посветен кон домот, семејството, кон својата ќерка (мене), кон неговата жена (мајка ми), а особено зависен од љубовта на – неговата мајка Јорданка, чие име го носам. Кога таа го напушти овоземскиот свет, баба ми, татко ми стана зависен од мојата љубов. Иако не сакаше многу мачки, повеќе беше по кучињата, беше маж кој морал да спие во кревет, без поговор, со омилената мачка Мица на мајка ми и да внимава да не ја притисне во спиење. Тоа многу зборува за неговата љубов.
Кога бев мала наша заедничка песна беше – ,,Има една мома многу убава”.
Беше страшно силен – како бик, способен, човек од збор, не даваше никому предност, брз на јазик, дрзок, безобразен…. и убав на баба ми! Беше омилен вујко на некои од моите први братучеди. Мразеше луѓе кои не се силни, ги викаше ,,клапуши”.
Имаше гар кадрава коса, мијачка убавина и преубава насмевка.
Беше роден во Дебар, пред војната, најмал во фамилија. На една година неговите дошле во Скопје, го носеле низ куп премрежиња, непријателски рампи, наредени фашисти…баба ми морала да даде куп мијачки носии попат како мито за да стасаат безбедно до Скопје.
Но….што и да се случеше, беше секогаш насмеан!
Кога можеше, ме шеташе со него на патувања. Обожував со него како дете да јадеме по кафеани на патиштата. Се сеќавам еднаш многу ми се јадеше, а чекавме предолго за една кременадла во една кафеана, па Русе им влезе во кујна и…веднаш сè беше како што треба.
Ми беа досадни сите тие службени состаноци во разни градови, но секогаш гледаше да ми најде друштво, да ме забавува некој, да ме шета….сите мораа да ме третираат како кралица.
И мајка ми и татко ми потекнуваа од Ново маало. Биле комшии. Татко ми ја спасил од урнатините во 1963. Била поклопена со разурнати ѕидови. Татко ми побрзал да ја извади да не се задуши, да биде херојот, пред сите други мажи.
На постари години, мајка ми знаеше да каже дека татко ми тука ја прелажал да се вљуби во него. Русе веднаш имаше контраргумент и велеше – ,,да,даааа…јас те терав години претходно да ме чекаш на агол во Ново маало, демек случајно, за да ми кажеш ,,здраво” кога се враќав од работа”.

Кога одам на вечниот дом кај моите, каде имено се закопани и баба ми и дедо ми во соседна парцела, кога ќе се завртам наоколу, уште ме фасцинира таа негова посветеност кон мали, важни детали на тоа место, се грижел за сè и по смртта на љубената му мајка. Никогаш не ја отпиша, никогаш не си призна дека повеќе ја нема. Тоа се гледа таму, толку е присутна и ден-денеска таа негова универзумска љубов, без штедење, без задршка. Во секој агол, во секој сантиметар.
Ако би го опишала во една реченица мојот татко, тоа би било – градител на моменти и вечност!
Прекраток е животот и сите убави мигови за едно вакво писание.
Тато и мама, продолжете го својот лет!
[divider style=”solid” top=”20″ bottom=”20″]
[facebook]