Култниот кафе-бар ,,Тропикана”, за кој премиерот Зоран Заев како што самиот изјави – не слушнал, а ниту знаеше каде се наоѓала локациски, не само што беше во Центар, каде се собираа градски луѓе, туку можеме слободно да кажеме – своевремено беше и епицентар на ноќниот живот во градот во 90-те и многу случувања во Скопје.
Кој сакаше да биде градска фаца, да брка добри женски, да биде фраер или почитувана женска во друштво, мораше да биде дел од ентериерот и шанкот на ,,Тропикана”.
Точка!
Срамота е во 2021 година, премиер на Македонија, кој најмногу гласови собра од општините Центар и Карпош, да импровизира пред камери нешто од типот – ,,Не ја знам, но сигурно ,,Тропикана” не била во Центар”.
Кој не знае, не се разбира во урбани и легендарни кафулиња, подобро нека молчи!
Во славната ,,Тропикана”, ете, дури прошетал и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, како што самиот кажа пред некој ден. Ја памети човекот и по толку време.
Е, до толку ова место остави печат, трајна миризба на шмекерски град, неизбришлива носталгија – и по 30 години, уште ова кафуле е познато и висок функционер на друга држава го споменува при трилатерална државничка посета!
По ред.
,,Тропикана” беше отворена во 1989 година, за време на реформската влада на Анте Марковиќ, една година пред распадот на екс Југославија. Сопствениците ги следеа трендовите, тогаш Југославија се отвори кон западните вредности и држави.
Се наоѓаше на булевар ЈНА, денешен ,,Климент Охридски”. Тоа беа ниски објекти, веднаш до црвената зграда каде се наоѓаше и седиштето на ГП.,,Маврово”.
И ден-денеска постојат како објекти.

Пред да се отвори ,,Тропикана”, на истото место се наоѓаше кафеаната ,,Игно” со жива музика. Ечеа до Водно и назад хитовите на Лепа Брена, Зорица Брунцлик, Нада Топчагиќ, Мирослав Илиќ…а, мирисот од скарата на ражен ги дразнеше баш сите – просто да излезат по весник, а попат да влезат и да видат што се јаде и што се слуша среде Центар – кај Игно. Макар и на една ,,шљивовица” од нога!
Ги држеа истите сопственици – покоен чичко Игно и неговата жена, тетка Јела, која по потекло е од Црна Гора. И ден-денеска, кристално се сеќавам на ликот на чичко Игно кога поминуваше во фармерки, додека ние игравме надвор, меѓу елките. Понекогаш имаше некое загрижено лице, не му беше лесно да се расправа со секаков народ во тој бизнис.
Првата приватна парфимерија во Скопје ја отвори токму тетка Јела и се наоѓаше на влезот до ,,Тропикана”, со увозни парфеми.
Парфимеријата се викаше ,,Тропикана тен”.
Кога ќе поминеше тетка Јела во маало во лежерна гардероба – фармерки и маица, зад себе секогаш го оставаше парфемот. Мирисаше цела улица на скап, секси и страствен парфем.
Јас тогаш бев дете. Живеев таму до крај на 90-ти. Тетка Јела ми вели – ,,Со моја Тамара и со другарките, тогаш уште правевте куќарки од картони и собиравте мачки”. Ме насмеа скроз! Се сеќавам често ги земавме и столиците од ,,Тропикана”, ни требаа за театарски претстави.
Тамара на тетка Јела и чичко Игно, денеска е успешен адвокат и живее во Белград.
На врата од кафе барот имаше селекција, не можеше да влезе секој. На врата имаше обезбедување и тоа млади дечки од Факултетот за безбедност. Во неа излегуваа Сашо Мијалков, Лазе Темелков, Масин, денешни познати доктори, адвокати, инженери…кремот на градот.
,,Тропикана” се затвори некаде 1997 година. Зад себе остави љубов, романтика, некој чад од други времиња, искалени луѓе и беше референтна точка за урбан живот.
Кој поминал низ ,,Тропикана”, ќе трае и трае…
(Со многу љубов, нежност и почит, посветено на покоен чичко Игно Стојановски и на нашето Скопје)
[divider style=”solid” top=”20″ bottom=”20″]