Автор: Јорданка Ивановска – Јоци
Како се умира во Македонијава? Лесно и тешко. Некако нема средина.
Лесна умирачка е онаа наеднаш и најпосакувана, за да не се влечкате во болниците на транзицијата , каде труе на смрт и каде и да сте здрави – ќе ве разболат.
Тешка смрт е онаа каде со години сте болни, се влечкате по лекари кои креваат раменици, Свети Петар ве чека и секој ден пиете кафе со него и дури и сте му досадни веќе, па го прашувате со молба и таксена марка – ,,Добро, ти ќе ме земеш или уште кучиња ќе ми го јадат алот во земјата викана зомбиленд ?”.
Но, сеедно, ритуалот на погребување и тажење е ист – ќе ви договорат поп, блага пченица, некои таму сендвичи, алва, бајадера, портокал, црвено вино со лебот кој го сечат во облик на крст и ќе ве закопаат. Некои петорица, во најдобар случај, ќе се изнаплачат, други тројца ќе изглумат, други десет ќе прават муабет за политика, а сите останати ќе бидат среќни што се живи и што ним, гробарите со лопатите, не им ставаат земја врз глава во моментот.

На 40 дена ќе ви дојдат истите, а потоа сите ве забораваат. Вие може и на дланка ко капка некого да сте носеле, но бидете сигурни заборавот ќе ве покрие за една недела.
На шест месеци ќе ви дојдат половината од тие на погребот, а на година само тројцата што ви ги споменав претходно. На три години, гробот веќе ви е обраснат со пиреј, освен ако имате среќа некој на Задушница да ви го зачисти, бар еднаш годишно.
Смртта во Македонија е бесмислена идентично како и животот. Сè` се сведува на ритуали, ништо на спонтаност. Всушност, сите однапред мислат како ќе умрат, наместо како да живеат.

Понекогаш си мислам, а речиси и сум сигурна, смртта во Македонија добива на смисол само кога е спонтана и јавна. И драматична. Така малограѓаните нема да ве заборават, ама баш никогаш. Ќе се забавуваат на секоја слава во недостаток на среќни сопствени моменти, ќе ве зборат додека кркаат плескавици, ќе го прифатат несвесно вашиот идентитет и ќе дадете нова смисла на нивниот зомбифициран живот. И тоа ќе трае со децении, впрочем имаме неколку епски примери во градов на брилијантно избрани моменти на смрт, свесни и несвесни, кои се раскажуваат од колено на колено.
Во еден момент, тие луѓе на кои сте им мотив за озборување (во недостаток на сопствена среќа) ќе легнат и ќе умрат, како во ,,Смртта на чиновникот” на Чехов. Облечени. Бидејќи шефот им се развикал дента.
И, толку, потоа никој нема да знае дека постоеле.
ФОТО: Јорданка Ивановска – Јоци (ЈИЈ)