Приватните автобуски превозници на Координативно тело донесоа одлука протестите од раскрсницата кај Црвен крст и „Мавровка“ да се дислоцираат пред бараките на Град Скопје на булевар „Илинденска“. Блокадата ќе започне во 10 часот утре и ќе ги опфати четирите ленти од Илинденска, на потег од Влада кон Карпош до „Алумина“, информира Кемал Муриќ од „Слобода превоз“.
– Имавме координација со координативното тело на приватните превозници. После вчерашната прес-конференција во Градот Скопје, еден таков дебакл, една таква срамота и брука што е направена, се повеќе излегуваат на виделина аргументите кој е главниот виновник за состојбава, кој е главниот виновник што граѓаните на Град Скопје ни криви, ни должни мораат да го трпат сето ова, која е главниот виновник што не сме исплатени, кој е главниот виновник за хаосот во сообраќајот? Тоа е директно градската управа, градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска. Се повеќе нашиот револт се насочува и се фокусира кон управата на Град Скопје, изјави Муриќ.
Нивниот гнев е насочен кон градоначалничката Данела Арсовска и токму поради тој факт е новата одлука протестите да продолжат пред седиштето на градската власт.
Превозниците остануваат на ставот ниту еден превозник да не се јави на јавниот повик од страна на Град Скопје, бидејќи сметаат дека тоа е обид за разединување на единството на приватните превозници.
Нивното барања е Град Скопје да го подмири долгот кон двете компании кој изнесува околу 1,3 милиони евра.