Дали Данела се подготвува за лидер на нова партија?

Пишува: Јорданка Ивановска – Јоци

Не знам дали само мене ми се чини дека #Данела #Арсовска се подготвува за лидер на некоја нова партија или и вам, но согласно вокабуларот, фокусот, жестината, темите и со што сé се занимава година дена, мене сé повеќе така ми личи – дека се амбицирала за нешто друго, за кое не е дорасната и – не го разбира, но упорно го ,,вози” во лер.

Впрочем, жената не пресече ниедна црвена лента за година дена на градски капитален проект. Едноставно, не разбира колку е тоа важно за скопјани и градот, не разбира дека треба да излезе од школката во која е затворена со мал број луѓе кои ја убедуваат дека треба да вика што погласно, да се кара од говорници и да убедува народ дека сите се виновни, само таа е чиста, паметна и невина.
Таа со сé се бави, само не со локални теми, за кои беше бирана, имено.

Ако има и малку вистина во моево претчувство и некои чаршиски шпекулации, дека е на ниет да формира партија пред следни парламентарни избори, нека и` ги вратат парите оние кои тоа го смислиле, бидејќи нејзиниот рејтинг е толку ултра катастрофален, да никој жив не може да го оправи, ни за милион долари. Камоли да настапи како лидер на нов политички субјект и да се надева на сопствени гласови.

Околу ова може да го праша Петре Шилегов, како си го пеплоса рејтингот во првата година и никогаш не го врати, ни приближно. Аналитички и политиколошки тоа е невозможно кога ништо крупно не работиш, се караш со гласачкото тело и со влијателни луѓе, ги нервираш, нудиш ронки, трошиш недомаќински и најважното – немаш значителна медиумска поддршка, бидејќи немаш изградено пријателски однос со влијателни куќи и новинари.

Од друга страна, на политичкото милје во Македонија има место за нова партија, но нема место за Данела Арсовска. Утре да има избори, таа нема да освои повеќе од 8.000 гласа. И никој жив во моментов не може да и` објасни дека за неа гласаа гласачи наклонети кон ВМРО-ДПМНЕ, затоа што таа беше нивен кандидат, а не обратно – дека ја гласаа, затоа што е Данела.

И сега таа на тие гласачи им вели: ,,вашиве ги фатив со рачињата во мед”.
А, сите гласачи 30 години чекаат да ги брцнат и своите рачиња барем во малку мед.
И да сакам, не можам да и` објаснам на Арсовска како функционира политичката сцена во земјава, сама ќе си почувствува на свој грб.

Добро, има ли во државава независна куќа да и` измери рејтинг на Арсовска за да добие слика што зборувам? Или ќе продолжи да си го ,,мери” рејтингот на маса со десет пријателчиња кои ќе избегаат од неа кога работите во Град Скопје ќе тргнат по ѓаволите, а веќе се тргнати.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email
Print
error: Content is protected !!