Нема ништо ново на релација Град Скопје – приватни превозници, одговори денеска градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, со што потврди дека проблемот меѓу градската власт и приватниците продолжува да лебди во воздух без конкретно решение.
Од друга страна, пак, ќе се одржи средба меѓу Владата и приватните автобусџии, посочи премиерот Димитар Ковачевски.
– Ги очекувам податоците од Управата за јавни приходи бидејќи кажав дека дискусијата со превозниците мора да се базира на факти. Кога ќе ги добиеме податоците за параметрите за кои имаше јавна дискусија меѓу ЈСП, приватните превозници и Градот Скопје, тогаш ќе можеме да организираме еден таков состанок на кој ќе може одблиску да се запознаеме со проблемот, меѓутоа тоа не значи дека како Влада влегуваме во било какво преземање на наделжностите на Градот Скопје бидејќи, како што можам да се информирам од медиумите, градот Скопје веќе има отпочнато постапка за доорганизирање на системот на јавен превоз. Меѓутоа тоа се информации само на ниво на медиумски информации со оглед на тоа дека немаме координација со Градот Скопје, рече Ковачевски.
Тој повтори дека Владата работи на изнаоѓање на модел со којшто ќе се обезбеди финансирање и поддршка за реализација на најкрупните инфраструктурни проекти во Скопје кои, како што рече, не смеат да запрат бидејќи се работи за мостови, булеварски решенија и друго.