Од оваа година Градот Скопје ќе се вклучи со повеќе средства во одржување на градските гробишта ,,Бутел” во однос на собирањето ѓубре, косење трева и асфалтирање, одлучено е на последната седница на која се гласа Буџетот.
Ќе се издвојат 20 и 25 милиони денари (околу 730.000 евра) во различни ставки во рамки на развојната програма на Град Скопје, за 40 милиони повеќе одошто досега се предвидуваше. Во реализацијата на новата програма, која ќе се реализира во неколку фискални години, во одржувањето ќе се вклучат и јавните претпријатија на Градот – ,,Паркови и зеленило”, ,,Комунална хигиена” и ,,Улици и патишта”, појасни градоначалничката Данела Арсовска.
Дополнителните средства се издвоени со амандман на советничката група на СДСМ, кој потоа беше изменет со помалку средства, по поднесена програма од акционерското друштво ,,Бутел”. Амандманот беше прифатен од градската власт.

Во изминатите години, согласно Закон, градската власт издвојуваше средства во висина од 5 милиони денари за хигиена и одржување на зеленилото и улиците, но се покажа дека тие се недоволни за гробиштата каде оператор е АД ,,Бутел”, со оглед на поплаките од граѓаните.
Љубица Јанчева од СДСМ рече дека помошта е потребна со цел трошоците за програмата да не мора да ги плаќаат граѓаните од свој џеб кога ги погребуваат најблиските.
Страшо Ангеловски од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, пак, кажа дека ќе ја поддржи иницијативата, но во иднина градската власт да е принципиелна во однос на финансиска поддршка на приватни фирми, а не само на државни, односно да не стигматизира советници кои залагаа за помош на приватните превозници пред некој месец.