Д-р Жан Митрев испрати писмо до претседателот на Здружението на новинари на Македонија, Младен Чадиковски, во кое го повикува за поголема заштита на новинарите кои се ставени на јавен линч поради објавување информации за случајот со Клиниката „Жан Митрев“.
Во писмото поставува прашање до ЗНМ дали новинарите од ИРЛ се и судии и обвинители истовремено и дали нивниот збор е последен, без да се слушне неговата страна.
„Сведоци сте дека секој обид да ја прикажам мојата страна на приказната во јавност наидува на напади кон мене и новинарите кои ме интервјуираат или ја пренесуваат веста. Сакам да ви поставам прашање според кој етички новинарски кодекс јас не смеам да ја кажам својата страна и според која колегијалност секој новинар што ќе разговара со мене треба да се стави на јавен линч? Дали новинарите на ИРЛ се и истражители, и адвокати, и обвинители, и судии? Дали според некој кодекс нивниот збор треба да е последен и дали јас како личност немам право да комуницирам со новинари? Не го разбирам јас овој концепт на новинарство кога некој не смее да каже нешто. Нели сите сме за почитување на јавно искажаниот став без разлика каков е и за слобода на говорот. Зарем мене треба таа слобода да ми биде одземена бидејќи некој сака да ме прикаже во светло кое не е вистината. Дали јас не треба да се обидам да ја прикажам вистината? Ве прашувам бидејќи најлошо е некој да се обиде да се замолчи, а во исто време да се линчува јавно без никаква причина“, вели Митрев.
Меѓудругото до претседателот на ЗНМ ја објаснува позицијата во која се наоѓа и причините што довеле до тоа: „Се соочувам со можеби најтешката криза што ја имам лично и мојата Клиника поради натписите во ИРЛ, каде бев обвинет дека правам експерименти врз пациенти, дека не сум доктор, дека ‘заработувам’ на здравјето на луѓето. Употребени беа квалификации како ‘убиец, д-р Менгеле’ и слични зборови на омраза со кои неосновано ме етикетираа во нешто што јас не сум. Работам во оваа држава со децении, се обидувам да направам најдобро што можам и искрено се обидувам да бидам максимално толерантен на сите напади. Особено бидејќи станува збор за човечки животи. Со вашиот претставник имавме комуникација кога се снимаше интервјуто на ИРЛ каде сакав само да се заштитам од вадење од контекст на моите одговори што и самиот сте свесен се случува понекогаш во некој новинарски прилог, некогаш поради временското ограничување, некогаш поради немарност. Со ИРЛ бевме договорени да се објави целосното интервју по емисијата на каналот YouTub, но тоа не беше испочитувано. Не барав многу од нив за да не добијам ништо“, завршува Митрев.