Арсовска: Од касата на МКЦ се подигнати 100.000 евра кеш и никој не знае каде се

Скопската градоначалничка Данела Арсовска, на денешната прес-конференција по повод случувањата во МКЦ, обелодени финансиски криминал во оваа институција. Во исто време пред портите на Град Скопје вработените оддржаа протест против наименувањето на новиот директор, по професија детектив.

Арсовска информираше за низа нелегално склучени договори и сомнителен одлив на пари преку договори на дело.

,,Ванчо Богоев е ставен за директор на предлог на ВМРО-ДПМНЕ. Во изминатата година склучил 250 договори за ангажирање без договор или преку Агенција за привремени вработувања. Исплаќани се илјадници евра на овие лица, меѓу нив истакнати членови и функционери на ВМРО-ДПМНЕ, има и над 90 договори за времено ангажирање на шанкери на кои им биле исплаќани од 350 до 700 евра за еден месец. Од главната благајна на МКЦ подигнати се над 100.000 евра кои се повлечени во готово. Каде се овие пари има некој што треба да даде одговор затоа што нема соодветна документација. Го повикувам Богоев да објасни за договорот на кој бил издаден простор во центарот на градот на Пасворд Продукција на која договорот ѝ завршил минатата година, а од март досега немаме информација кој го стопанисувал тој простор и кој добро профитирал”, рече Арсовска.

Градоначалничката меѓудругото обвини дека Богоев ги манипулира културните работници и ги вади на протести токму за да не се откријат овие малверзации.

Таа рече дека не било точно дека е намален буџетот на МКЦ и дека нема ништо спорно што е ставен детектив за нов в.д. директор.

Од Програмскиот совет на МКЦ реагираа на прес-конференцијата на Арсовска со став дека кажала тешки и неосновани обвинувања, податоци, како и непоткрепени информации целосно извадени од контекст. Во тој контекст, со повеќе детали, ќе објаснат утре на прес-конференција.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email
Print
error: Content is protected !!