Во име на градоначалничката Данела Арсовска, вечерва, на плоштадот Македонија, каде се собираат донации за Турција, се појавил човек кој се претставил како инспектор и им наредил на волонтерите ,,да ги спакуваат брзо кутиите и утре плоштадот да е чист, затоа што личи на депонија”. Не се претставил и не покажал легитимација. Само рекол дека е испратен од генералниот секретар и градоначалничката.

Волонтерите, кои со денови на студеното време селектираат и пакуваат во кутии донации од граѓани, се шокирани од ваквиот однос кон нив и општо кон загинатите и повредените од земјотресите во Турција. Граѓаните, веќе неколку дена, на апел од турски студенти, донациите ги носат на плоштадот, во недостаток на затворен простор кој градската власт не го определи.
– Срамно е и тажно она кое го чувме од инспекторот кому донациите му личат на депонија, а претпоставувам и на Данела Арсовска, бидејќи таа го пратила, како што ни беше кажано. Наместо самата градоначалничка да помогне со вработените и да даде пример за солидарност, таа испраќа инспектори. Во краен случај требаше да определи топла сала како место за носење и пакување на донации. Волонтерите вечерва брзаат сé да спакуваат, но малку е веројатно дека е успеат до утре – раскажа една волонтерка која сакаше да остане анонимна.
Поради наредбата од инспекторот, на апелот за расчистување на кутиите од плоштад се одзвала турска фирма и тие вечерва се носат во нивни магацини.