
Децата, кои, се лекуваат на одделението за хемато-онкологија, на Детската клиника во Скопје, добија специјална т. н „тивка соба“. Во неа имаат можност далеку од сите боцкања , болки и тешки терапии, да земат здив преку игра со другите деца од одделението.

,,Тивката соба” е опремена со дрвени дидактички играчки, а децата во неа имаат можност и да нижат монистра, да цртаат, да редат коцки едноставно да одморат подалеку од болничката соба.

Психосоцијална поддршка на децата, кои се на подолг престој на одделението за Онкологија, им даваат волонтери од Здружението САНО, кои всушност и` го уредија ова катче преку донации.

САНО е здружение на родители и пријатели на децата лекувани од рак и нивните семејства. Нивната мисија е да го подобрат квалитетот на лекување и животот на заболените деца и на нивните родители.
Нивната заложба е на секое дете заболено од рак да му биде достапно најдобро можно лекување, како и психолошка поддршка на целото семејство за да можат полесно да поминат низ долготрајното, болно и исцрпувачко лекување.
Деновиве, како што најавија од САНО, ќе бидат испечатени неколку едукативно-информативни брошури за родителите чии деца се во болница.
Потоа ќе се посветат на реализација на проектот ,,Родителска куќа”.
-Во неа ќе престојуваат лицата кои доаѓаат на лекување на Детската клиника, а не се од Скопје. Престојот ќе биде комплетно бесплатен за нив-, информираа од САНО.
Во блиска иднина најавија и кампања за изградба на Дневна болница за децата болни од рак.