
,,Раскажувачката”
Пишува : // Фросина Ѓорѓиоска
Еднаш имав една другарка што ја држев у раце кога се роди, бидејќи јас тогаш имав шест години. Еднаш имав една другарка на која и` ги менував пелените заедно со мајка и`, ја мачкав со павловиќева на газето и и` го држев шишето со млеко додека пие. Еднаш имав другарка која растеше со мене.
Растевме и пораснавме заедно. Се смеевме и плачевме заедно. Делевме иста гардероба, исти шминки, исти соништа. Подоцна делевме и исто работно место. Јас се вработив, а една година подоцна ја викнав и нејзe со мене. Ставајќи ја на пиедестал, таа уште од мала научи дека не смее да има никој подобар од нејзе во било што. Ни во убавина, ни во интелигенција, ни во способноста да биде во центар на внимание. Мораше да биде прва, иако на почеток ни таа не ја забележуваше таа своја егоистична особина. Мене не ми пречеше тоа иако знаев дека не е во ред. Беше и се уште е убава, како и многу други. Паметна е како и многу други. Кокетира како малку други. Но, секогаш кога ќе се најдеше во нечија сенка или ќе видеше дека некој во нешто е подобар од неа, забележував незадоволство на нејзиното лице и негирање на успехот на тој што е подобар.
Како одминуваа годините, таа своја карактерна особина почна да ја проектира и врз мене. Ние жените се осеќаме една со друга и без зборови. Секогаш кога со другар ми Филип ќе излезевме да се забавуваме и игравме на подиум до онесвестување, а таа работеше во шанк, добивав погледи полни со завист и иронична насмевка која значеше потсмевање бидејќи ние знаеме да се забавуваме, за разлика од многу други живи мртовци кои само локаа од лажното виски со вистински мраз. Ама, си викав-,,Фрос, немој така да си мислиш за другарката која ја сакаш највише на свет, опрај се”. Но, пуста интуиција никогаш не лаже. Свадба на другарка ми Јуле. Јас и мојава другарка седиме на иста маса, нормално. Почнува еден дечко да ми праи муабет и автоматски другаркава паѓа у сенка цели пет минути. Почнува и со нејзе да збори дечково и сите тројца разговараме, но некако неговата наклонетост беше повеќе накај мене. Одеднаш другарка ми ми поставува прашање пред дечково:
-Фрос, кога веќе не можеш да си фатиш дечко, што не си родиш едно дете? Цел живот ли ќе бидеш сама?
Слушам и не можам да поверувам. Намерата беше очигледна. Сакаше мене да ме смали, за таа да се издигне. Не за да го освои дечкото, бидејќи беше веќе во врска, но за да се истакне себеси, бидејќи во тој момент никој не и` обрна внимание.
-Боље ми е да сум сама отколку во нефункционална врска. Да ги сфаќав работите толку површно и јас ќе бев врскаџика. Плус, не ми треба дечко за да ми го билда чувството на вредност. Оние кои излегуваат од една и одма влегуваат во друга врска имаат сериозен проблем со самодовербата. Тие мораат да имаат некој иначе се чувствуваат безвредни – , и велам јас како контра удар.
Ме повреди тоа, бидејќи не очекував такво нешто од личност која ја сакав најмногу на свет, веднаш после мајка ми. Полека почнав емотивно да се дистанцирам од неа, иако си велев дека не треба да се руши пријателство заради еден таков испад. Но, не реагирав.
Месеци подоцна почна да ми се свиѓа еден дечко кој работеше со нас. Бидејќи јас сум деген од човек и се уште ја сметав за другарка, нормално- и` кажав. Дента кога и кажав дека типот ми се свиѓа, го напраив најголемиот заеб у животот. Истата вечер на работа, гледајќи ме право во очи, со поглед кој велеше ,,гледај сега што ќе направам”, додека тој се тегнеше на едно сепаре до мене, таа дојде, му ја дигна маицата и го пољуби на стомак испод папок. Нема врска што го пољубила, ако не и` ја знаев намерата. А, намерата беше: гледај ме сега што можам јас, а не можеш ти. После бакнежот ме погледна уште еднаш и задоволно се насмеа, а знаеше дека ме боли.
Јас и колешката Маријана се гледавме и не ни е јасно од каде таква злоба. Зошто? Но, шоуто мора да продолжи.
Во меѓувреме таа станува најдобра другарка со мојов симпатија. Ок, нема проблем, легитимно е и тоа. Зошто да не? Некое време подоцна имав авантура со типот. Пак и` кажав нејзе, надевајќи се дека кажувам на другарка. Односите меѓу мене и дечково станаа напети, бидејќи јас напнував повеќе од што треба, а тој си ја сакаше слободата. Но тоа не е сега тема на муабет.
Ми се јавува другаркава и ме вика на кафе кај неа у двор, си разговараме, ми се обраќа со срцка, со се` што треба кога разговараат две другарки. Два саати после нашата седенка, таа му пишува на типов на вибер.
-А, бе баце, батали ја, гледаш дека не е при свест, не знае што праи, не е нормална.
Луѓе, два саати претходно истата таа личност која го напиша тоа, ми праеше кафе кај нејзе и ми викаше срцка и ми се смешкаше. Кој не е овде при свест сега, драга моја? Продолжив скришно да му го пратам виберот, не толку заради него, туку заради неа, да видам до кај ќе оди. На работа се праам ко ништо да не се случило. А исто и таа, најфина со мене. Лицемерие до даска. Кога веќе јадеш гомна за некој, зошто едноставно не престанеш да се дружиш со таа личност? Ама, не. Таа е лик кој игра на повеќе фронтови. Од оние кои не сакаат со никого да си замерат, бидејќи тие луѓе може да им се најдат за нешто во животот.
Не можејќи да издржам повеќе, намерно на мојов симпатија му пишав се` што мислам за неа. Дека е користољубива и дека кога таа ќе си го среди сопствениот живот, ќе го шутне најјако што може и нема веќе да го познава. Му реков дека не му е другарка (што еве сега се испостави дека сум била во право). А, му пишав бидејќи знаев дека ќе и` каже. Е, тогаш ми се налути таа на мене, не знаејќи дека мојата реакција е последица на нејзиното однесување. Таа не знаеше дека јас претходно ги имав прочитано сите пораки од неа на вибер.
Ете затоа не си ми другарка повеќе. Затоа што пред јас да кажам било што за тебе, те читав цело време. Затоа што ме болеше. Затоа што тоа беше злоба. Затоа што јас за другар праам се`. Го поддржувам и во неговата најголема лудост, ако тоа го прави среќен. Затоа што сакаше да играш на повеќе страни, а јас не сум глупа. Можеби сум луда, ко што ме нарекуваше, но лудоста е карактеристика на храбрите. Можеби сум луда, но не сум лицемерна. Лицемерието тебе ти го препишувам. Тебе подобро ти стои. Без да знаеш ти давав шанси, му давав шанси на нашето другарство. Но ти не го забележа ни тоа. Емотивна интелигенција – нула.
Драги мои луѓенца, оваа колумна наликува на трач муабет, со кој големите умови нели не треба да се занимаваат. Но, дел од меѓучовечките релации и секојдневие е и ова, сакале ние или не. Пријателската искреност или неискреност може да се долови само вака, најпластично опишана, преку секојдневни, банални примери. Имајте на ум дека ножевите во грб болат повеќе кога доаѓаат одблиску, бидејќи тие што фрлаат од далеку може и да не ве погодат. Имајте на ум дека никогаш не знаете кога вашата искреност може да биде злоупотребена. Бидете искрени кон себе и запомнете дека во животот без секој се може.