Продолжува агонијата на мечето Теди поради нехуманите и сурови услови во штипската Зоолошка градина. Живее во 15 квадрати, простор кој е премал, а и несоодветен за овој загрозен вид.
Градоначалникот на Штип, Благој Бочварски, уште летоска вети дека локалната власт ќе му изгради ново живеалиште, но ништо од тоа не исполни.
– Општина Штип ќе го зголеми и подобри живеалиштето на ова животно во зоолошката градина во Штип и верувам дека ова ќе наиде на позитивни реакции од граѓаните и невладините организации кои се занимаваат со оваа проблематика. – вети Бочварски пред неколку месеци.

Состојбата на Теди сега веќе е алармантна, полоша од претходно. Се гребе од жиците, кои, штрчат на сите страни од кафезот и се повредува, информираше Тина Мицковска од скопската Зоолошка градина.
Во тоа се уверија и активистите од најпознатата светска организација ,,4 Paws” и фондацијата на Брижит Бардо, кои, од паркот за заштита на мечките во Белица, дојдоа во Штип.

– Заедно бевме да го видиме Теди кој е во уште полоша состојба од претходно. Едната шепа ја влече и гази неприродно на нејзе. Додека бевме таму се раскрваре на носето. Заедно заклучивме дека имаме две опции- ,,4 Paws” да го сместат во резерватот на 150.000 м2 кој се наоѓа близу Банско или Швајцарија, но таа процедура ќе трае минимум три месеци и ќе треба периодов интензивно да собираме документи и дозволи од министерства и инспекторати, а потоа и од бугарските власти. Втората опција за која денес ме известија од општина Штип е ново живеалиште за Теди на 250 м2 со зеленило и големи дрвја, за кое и од организацијата се сложија дека ако изгледа како на сликата од проектот, ќе биде соодветно. – појасни Мицковска по средбата.
Живеалиштето би требало да се почне веќе од понеделник за да не се губи време. Теди нема време за чекање и заслужува најдобри услови, сметаат активистите.
Мицковска им се заблагодари на активистите од ,,4 Paws” и фондација Брижит Бардо, како и на колегите од ЗОО-Скопје кои и` помагаат во целиот процес.
Се надева дека сегашните ветувања за помош на Теди од различни луѓе конечно ќе се исполнат.
– Знам дека има многу загрижени и емпатични, но навистина морам да видам на дело. И редно е државата да размисли за да создадеме еден наш парк, со максимална заштита на мечките. – смета таа.
Рече дека во Македонија има само 150 мечки и се загрозен вид. Мора да се заштитат од ловокрадци и злоупотреба, а во иднина наместо од цел свет да доаѓаат да ни помогнат, да можеме самите да се погрижиме за нив и да го заштитиме и зачуваме нашето највеличествено животно, мечката.
Мечето Теди е веќе три години жител во Штип. Пристигна од приватниот парк на познатиот неврохирург Слободан Угриновски, кој го пронајде на планина.
[divider style=”solid” top=”20″ bottom=”20″]
[facebook]