Аеродромци, од иницијативата ,,Зелен хуман град”, денеска одржаа мирен протест кај воениот базен во општината, против сечење на дрвјата и проширување на улицата Васко Карангелески.
На поканата на аеродромци, не се одзва кандидатот за градоначалник на СДСМ за Аеродром, Александар Филиповски-Цанде. Тој реши да избегне соочување со граѓаните, но не и Тимчо Муцунски, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, кој се појави на протестот и демонстрантите му ги кажаа своите барања и поплаки.

,,Александар Филиповски-Цанде има посебна покана како кандидат за градоначалник на Аеродром да дојде на местото на злосторот! И да ја удри првата свечена секира!
Марин во заминување, како тргнал со дрвјава, наш Цанде ако го наследи – нема дрво да остане за сечење. Оти ветува дека ќе продолжел кај застанал Марин ама па овој па не застанува! УПОРЕН Е!”, се вели во вчерашниот повик.
Од граѓанската иницијатива велат дека кај обележаните дрвја за сечење, кај улицата Васко Карангелески – веќе стасала механизација.
-Од утре ќе почнеле со проширување на улицата. Нема да дозволиме сакатење на белите дробови на еден од најзагадените градови во светот. Локалната власт во заминување ветуваше зелени површини, а наместо тоа донесе уште поголема бетонизација и сечење на дрвја. За да биде лицемерието поголемо, новиот кандидат за градоначалник на Аеродром од СДСМ кажува дека ќе се грижел за зеленилото, за зеленило што ќе го исече неговата партија ли ќе се грижи? – револтирано прашуваат граѓаните.
Во својот повик, ги повикуваат сите добронамерници, кои не сакаат да живеат во бетонски град, заеднички со нив да го сопрат лудилото кое го почна Златко Марин.