
Ноќна рација во Дебар маало. Се казнуваа возачите на непрописно паркирани возила на ,,Ленинова” и други споредни сервисни улици во надлежност на локалната власт од Центар. Во овој дел од градот, редовно е метеж и нема игла каде да се фрли од автомобили.
Вчеравечер, идентично како и изминатите недели, јавното претпријатие ,,Паркинзи на Општина Центар” заедно со полицијата, креваа автомобили на граѓани кои ги окупираат улиците и тротоарите на необележани места за паркинг.
Според очевидци, ,,летнаа” најмалку десетина казни.
Сепак, главниот проблем не е решен со една или две акции за подигање на возила и казнување на несовесни граѓани. Конкретно во Дебар маало, недостасуваат паркинг места, а тротоарите не се слободни за пешаци, бидејќи се резервирани за зонско паркирање. На главните улици, пак, кои се под Град Скопје, од автомобили редовно се блокирани последните ленти, што е причина за застој во сообраќајот.