Град Скопје: Нема веќе кал и дупки на Македонско-косовска бригада во Ш.Оризари

Заврши изградбата на улицата „Македонско косовска бригада“ крак 18, во општината Шуто Оризари, информираа градските власти. Велат дека оваа сообраќајница од жителите им била поставена како приоритет поради тоа што била раскопана, неасфалтирана и во видно лоша состојба.

– Жителите во општината се соочуваат со многубројни предизвици, а на нивно барање во приоритети покрај изградбата на крак 18, се и краците 38 и 40 – појаснија надлежните.

Со реализацијата на овој проект, како што потенцираат во соопштението, граѓаните на Шуто Оризари добиваат нова патна инфраструктура и решение за долгодишните проблеми. Главната цел на градските градежни активности е во Скопје повеќе да нема заборавени населби, туку градот да се развива рамномерно, со реализација на проекти и во урбаниот и во руралниот дел.

Градежните работи на терен ги изведе Јавното претпријатие „Улици и патишта” на 1.520 квадратни метри површина, а едновремено јавното претпријатие работи и на изведба на партерно уредување на спортската сала во Шуто Оризари.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email
Print
error: Content is protected !!