Буџетот на Град Скопје за 2023 година е проектиран на 6,9 милијарди денари или 114 милиони евра. Седницата на која ќе се дискутира за развојните програми, субвенции и проекти и имено ќе се гласа за него е закажана за вторник.
– Најголемиот дел од приходите и приливите во Буџетот на Град Скопје за 2023 година се планира да се обезбедат од наплата на даночните приходи (49%), и приливите по основ на дотации (30%). Останатите приходи и приливи се со помал процент. Даночните приходи претставуваат најзначаен дел од сопствените приходи на градот – се вели во образложението од Предлог – Буџетот.
Јавното сообраќајно претпријатие ,,Скопје” [ЈСП] планирано е да добие околу 12 милиони евра субвенции.
Од оваа сума, 130 милиони денари ќе се обезбедат за бесплатен превоз на возрасни лица (над 62 години старост за жени и над 64 години старост за мажи) во вторник, петок, сабота и недела; и бесплатен превоз на редовни студенти на додипломски студии на државните универзитети.
За потешкотии во работењето ќе се доделат субвенции во износ 550 милиони денари, а за функционирање на АЛВ и систем за интелегентна наплата, набавен во 2014 година, во износ од 60 милиони денари.
– Согласно препораките на Меѓународната асоцијација за патен транспорт (ИРУ), како и Меѓународната асоцијација за јавен транспорт (УИТП), Советот на Градот Скопје уште во 2008 година започна да го субвенционира Јавното сообраќајно претпријатие. Изминатиов период цената на нафтата кој е основен енергенс и најголем материјален трошок на претпријатието драстично се зголеми со што дополнително се зголемија трошоците, и се загрози нормалното функционирање на ЈСП. Со цел надминување на ваквите состојби и подобрување на квалитетот на јавниот превоз на поширокото подрачје на Град Скопје, во Буџетот на Град Скопје за 2023 год, за ЈСП „Скопје“ Скопје предвидени се 550.000.000,00 денари за потешкотии во работењето – образложуваат надлежните.
И ,,Улици и патишта” е предвидено да добие субвенции, како и изминатите години – за одржување и оперативни трошоци на Центарот за управување и контрола на сообраќајот [ЦУКС] во износ 20 милиони денари.
– Центарот за управување и контрола на сообраќајот (ЦУКС) е место од каде што со примена на информатичките технологии и најновите технолошки достигнувања, се овозможува управување и контрола на сообраќајот во реално време во зависност од сообраќајното оптоварување.Придобивките се во тоа што ,,Улици и патишта” ќе може да врши прибирање на податоци за сообраќајот во реално време, а исто така може и да управува со светлосните сигнали односно семафорите ќе може да се исклучат или да се префрлат да работат на жолто трепкаво светло од самиот Центар, ќе може да ја следи работатата и состојбата на светлосните сигнали во реално време, ќе може визуелно да го набљудува сообраќајот како и да ги информира возачите за состојбата на патиштата преку знаците со променлива содржина – објаснето е во образложението.
Јавното претпријатие Лајка – Скопје, предвидено е да добие субвенции во износ од 10 десет милиони денари за потешкотии во работењето.
ПРОЧИТАЈТЕ ДРУГО: