
Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, изразил желба да изгради споменик во чест на американската компанија ,,Келог, Браун и Рут”, бидејќи дале голем придонес за градот, со тоа што ангажирале 11.000 жители во Авганистан, а со тоа придонеле за економски развој на Куманово. Фактот дека во истиот тој Авганистан, беа убиени тројца кумановци пред неколку години, е очито неважен статистички податок за Димитриевски. Се надевам размислува за семејствата на убиените.
Споменикот планира да го постави за 500-годишнината од создавањето на градот Куманово, кај затворениот базен.
Јас имам друг предлог до Димитриевски. Да постави споменик од Ленче Кумановче, од драмата ,,Бегалка” на Васиљ Иљоски.
Затоа што таа е најпознатата кумановка, а воедно најхрабрата пред стотина години, кога решила да се омажи за сиримашниот Бошко, занаетчија, а не за чорбаџија.
Ленче Кумановче, Максим, е симбол на љубовта во оваа наша вечно сиромашна Македонија, на пркосот, непокорот, верата и вербата, а не на кешот и среброљубието.
,,Бегалка”, имено е и првата македонска претстава, која во 1928 година, била поставена на театарска сцена. На кумановски говор. Секако, очекувам тоа да го знаеш, а не јас да ти посочувам.
