
Во еуфорична атмосфера, со многу емоции, знамиња и скандирања ,,Македонија, Македонија , заврши митингот на ВМРО-ДПМНЕ под мотото ,,Македонија ќе победи”, кој, се одржа пред Владата на Македонија.

Ова е прв митинг на опозициската партија против Владата на Зоран Заев, поточно како што беше најавено, против погубните политики кон Македонија и по граѓаните по доаѓањето на новата власт.
Над 30.000 луѓе беа дел од масовниот митинг, преполна беше цела Илинденска пред Влада, како и делот кај Пошта.

,,Македонија ќе триумфира”, беше една од клучните пароли на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пред насобраните симпатизери, членови, членови од потесното и поширокото раководство.
Рече дека е верник, односно верувал во својот народ и во вистинската реалност, а не вештачката на Заев.
“Помина една година од теророт, економските неуспеси, лажни ветувања, година кога народот се соочува со вистината. Нема повисоки пензии, болниците пропаѓаат. Цените ги плаќаат со нивните животи. Студентите се разочарани. Замина животот во градовите и селата. Владата ги разочара младите”, рече Мицкоски пред насобраниот народ.
Ја обвини новата Влада за монтирани случаи.
,,Криминалците се на слобода, патриотите се во затвор”, потенцираше тој.
За ветувањата на Заев кон граѓаните, рече дека се вицови.
,,За нив е исто дали е Словенија или Словачка. Тоа се неговите способности. Кога рече “No discussion for identity”, видовме дека тој одлучувал во свое име”, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Ги промовираше и главните поенти од новата програма ,,Нов Завет”. Рече дека како партија ќе ја укинат акцизата за нафта.
,, Нема да ветиме поврат на ДДВ, но ќе ветиме помало ДДВ. На компаниите кои ќе вработуваат, им ветуваме олеснителни даноци. Ќе вложуваме во нов медицински кадар. Вработување на 500 студенти секоја година. Зголемување на платите на образовниот кадар. Нашата програма ќе биде пред јавноста, а ќе има решенија на реални проблеми”, кажа Мицкоски.