По неодамнешната телевизиската дебата околу одложување на прогресивниот данок меѓу Бранимир Јовановиќ, Петар Гошев и советничката во Министерство за финансии, Ивана Станковиќ, јавно и остро се огласи и Анета Антова Пешева, претседател на Управниот одбор на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии- МАСИТ.

,,Ако некому не му е јасно што значат IT инженерите во државава, тоа е сигурно Бранимир Јовановиќ. Од Гошев не ни очекувам, бидејќи тој тоа воопшто и не го разбира. Но, за еден млад човек, по природа зборџија, без чувство на парламентарност кога треба да замолчи и да слушне некој друг што кажува, е голема срамота.”, порача јавно Пешева.
Јовановиќ и Гошев во емисијата упатија жестоки критики кон Владата на СДСМ, околу враќањето на рамниот данок т.е 10 отсто персонално оданочување за сите плати во земјава. Прогресивниот данок подразбираше 18 отсто оданочување за сумата над 90.000 бруто приход.
За Пешева неразбирливи се нивните ставови за прогресивен данок, бидејќи смета дека ИТ инженерите се иднината на оваа земја и не треба да се казнуваат со големи даноци, затоа што земаат големи плати во однос на минималната.
,,Да, господине Бранимир имаме голем раст во ИКТ индустријата. Тоа за вас, како што приметив, е голема фрустрација. Инженерите имаат големи плати. Тие се врвните интелектуалци во државава со сериозен капацитет без ниедна црна дамка во своите новооформени фирми, сами без ничија помош. Нашата ИКТ индустрија е единственото светленце кое светка во оваа темнина. Ако сте мислеле и нив да ги избркаме, тогаш не знам, кој, вас и почитуваниот Гошев – ќе ве плаќа. Цел живот на државни јасли.” – , порача претседателката на МАСИТ, на чија иницијатива и се одложи прогресивното оданочување.
Таа, додаде, дека не само прогресивниот данок, сите даноци за ИКТ индустријата треба да се укинат, за да се вратат дома оние кои си заминале од огништата. Информираше дека годишно си одат речиси 200 инженери и тоа најдобрите.
,,Затоа нека не ви се крева притисокот кога бројките за нашиот успех се видливи и остварливи и без вашите комунистичко-утопистички теории. Секое добро, ама ништо од пазарна економија не разбирате.” – , заклучи Пешева.
На неодамнешната 16. Конференција на МАСИТ, таа, информираше дека платите во ИКТ секторот во просек изнесуваат 96.430 денари бруто или 63.800 нето. А, само во јули и август, пораснале за 7 отсто.
[facebook]