Петар Георгиевски, попознат во Скопје и во екс Југославија како Перо-Камиказа, некогашниот основач на групата ,,Меморија”, дипломиран актер на ФДУ, а денеска успешен бизнисмен, јавно ја раскажа својата ланска судбинска прикаска. Борбата со болеста поради која животот му висеше на конец цели 17 дена. Вели ,,ноември е месец на тага, но и радост”. Во 2017-та година на 18 ноември со ,,Меморија” во ,,Метрополис арената” одржаа спектакуларен концерт по повод 35 години од основањето, а во 2018-та година, во ноември – Перо заврши во болница.
НЕВЕРУВАЊЕ
Сабајлината, ненаспан, но жив го активирав ,,џокерот” д-р Ален Јовчевски, со кого заедно возиме мотори и точаци, трчаме. Каков и да е исходот, ќе ми соопшти директно, без многу ,,ова она”…
Отидов пеш до ,,Систина”, направивме ,,доплер” со д-р Зоран Трајковски. Врти-сучи, десната нога нема пулс! Викнаа васкуларен хирург, тој се чуди и ме запраша – ,,како можеш воопшто да одиш?”
Му одговорив дека од ,,Жабар” до ,,Систина” одев пеш.
Сите, видно збунети, освен Ален, констатираа дека работата е сериозна и дека треба темелно испитување, да не се случи да останам без долниот дел од ногата.
Тогаш ми се запали црвена сијалица! Ален ми рече – ,,Ова треба сериозно да го разгледаш”.
Во него имам бескрајна доверба и ми беше најсериозниот сигнал.

Тргнав на пазар, да купам нешто костени, калинки и попат размислував каде да фатам потоа. Качувајќи се по скалилата дома на 4 кат, ми се случи ,,огнена топка” во градите и борба за воздух. Седнав и се обидов да се соземам. Ми успеа и со кесите се довлечкав за уште еден кат. Потоа му ѕвонев на д-р Христо Пејков.
Му кажав што се случи по скалила, а тој на мене – ,,Јас кога доаѓам кај тебе, ако не работи лифт, си одам. Камоли со кеси да се качувам. Ај, види дали ќе ти помине, па ѕвони. Овде имам куп пациенти”. Кој ќе му верува на човек како мене дека може да биде болен!?
Прв дел од животната прикаска на Петар Георгиевски: ,,Третиот ден се сретнав со Бога”
Втор дел од животната прикаска на Петар Георгиевски: ,,Подгледнувај ме ноќва дали дишам”
Решив сепак да одам до Државна, овојпат кај д-р Софија Пејкова, малку да се освежам во хипер-барна комора. Ме гледа Софи и ми вели: ,,нешто чудно изгледаш, дај да ти земеме крв”. На шега се надоврзав дека јас сум Егеец, кај давам туку-така да ми се зема крв. Се смеевме, ама д-р Брешковска повика сестра и се стори.
Не помина саат време, се јави Софи – ,,Перо имаш 4.000 д-димери, нешто гадно ти се случува. Брзо кај Ице, те чека!”.
По првпат послушав од прва. Стасав на Кардиологија и по мало давање отпор си легнав како попче на Интензивна. Ме наредија со инфузии, игли и почнаа да ставаат се` и сешто на мене. Сега бев ,,заробен” и не ми даваа ни до ве-це да одам. Направија компјутер на бели дробови и што да видат-катастрофа! Пулмонална емболија. Ице ми рече – ,,Брачед, сериозно си загрозен. Знаејќи го твојот карактер, обиди се да се прилагодиш на новонастанатата ситуација, инаку маф ни е рабита”.
Тоа ми беше најтешката ноќ од раѓање, но без сериозни испади, преку автосугестија се убедив да бидам послушен седум дена.
ПОМИНА ЛОШОТО, ЌЕ ТЕРАШ УШТЕ ДОЛГО
За малку овој кревет ќе останеше вака празен тоа утро. Третиот ден си помина со редовни процедури на терапија и муабети со персоналот. Некаде кон 3 часот сабајлината, почнав да качувам температура, да се тресам и да се борам за воздух. По првпат побарав некој да ми донесе ќебиња, дека ми студи и дека нешто се случува со мене.

Одеднаш се растрчаа сите, дојдоа дежурни доктори со еден куп апарати меѓу нив и дефибрилатор. Во собата беа 7 доктори, видно вознемирени. Одеднаш почнав да ги губам гласовите, сликата стана матна. И…во темнина сум. Во еден миг си го видов телото од астрален поглед, одозгора. Сите трчаа, зборуваа неразговетно и последно што помнам е дека го подготвуваа дефибрилаторот за да ,,ме враќаат”. Одеднаш чув матни звуци, кои стануваа појасни и сликата почна да се разбиструва за кратко. Слушнав еден од докторите рече – го имаме назад, не мора дефибрилатор.
Значајно збунет и уморен, им кажав дека е во ред. Полека се стиши тензијата и ги проверија сите функции, кои, на нивно и мое чудо се вратија во нормала. Едната од докторките ми рече – ќути ќе те изгубевме, си имал среќа. Беше 3 часот и 25 минути. Ѕвони мобилниот и слушам машки глас кој ми вели – да не се секираш, помина лошото, ќе тераш уште многу долго. Гласот го препознав, беше на Ѓорѓи Филев Македонски. Ме прашаа кој ѕвони во ниедно време и баш тогаш. Сакав да им одговорам, ама немаше да ме разберат, па така денеска со божја помош го пишувам ова писмо.
Но, да се разбереме, без докторите и конвенционалната медицина исто така оваа мисија наречена ,,живот” ќе беше невозможна.
Наредните денови се борев со температура, потење и отчукувања на срцето кои во наредните два дена беа 125 со пикови и до 150. Што би се рекло, трчав маратон наречен – борба за живот. Срце јуначко издржа, дојде седмиот ден и се` се среди. Температура нема, срцето стана уредно и си реков ,,сполај му на Бога, кај и да е, ќе излезам од болница”. Ама, не било пишано така.
(Продолжува)
[divider style=”solid” top=”20″ bottom=”20″]
[facebook]