Перо Камиказа и борбата со болеста: Амди лежел во мој кревет и си јадел хамбургер [4]

Петар Георгиевски, попознат во Скопје и во екс Југославија како Перо-Камиказа, некогашниот основач на групата ,,Меморија”, дипломиран актер на ФДУ, а денеска успешен бизнисмен, јавно ја раскажа својата ланска судбинска прикаска. Борбата со болеста поради која животот му висеше на конец цели 17 дена. Вели ,,ноември е месец на тага, но и радост”. Во 2017-та година на 18 ноември со ,,Меморија” во ,,Метрополис арената” одржаа спектакуларен концерт по повод 35 години од основањето, а во 2018-та година, во ноември – Перо заврши во болница.

САМОУБИСТВО

Шестиот ден се` се стабилизираше, забораваме на лошата епизода и полека почнувам да се грижам за десната нога на која двата прста и` помодреле. А, и цела нога малку атрофирала од лежење (онаа на која немам артерии од колено па надолу и прва алармираше). Но, кој гледа два прста кога за малку ќе ,,отидев”.
Ноќта кон седмиот ден почнав да се потам, енормно по цело тело. И си велев: ,,поминува и така треба, да се потам”, со вежби за автосугестија се оправав. Но, кога сакав да се свртам на другата страна, левата нога ми стана тешка еден тон. Не алармирав, за да размислам што да правам, бидејќи бев на ниет дента да си бегам од болница.
Ама…доаѓа утрината визита, ме откриваат и имаа што да видат. Повторно паника, брзо ,,доплер” на вени. И… сите вени на лева нога – запушени.
Д-р Ице дојде блед како крпа. Заедно со син ми влегоа во соба. Ми рече: ,,брачед, не ја бива, ова е полошо од претходно, сега барем знаеме од каде се тромбовите, ама запушувањето е енормно”.

Доплер од нозете на Георгиевски пред една година – десната нога без артерии, а вените на левата нога – целосно запушени

Му реков на син ми Христијан да го побара адвокатот Зоки да направам тестамент за да видам како ќе реагира д-р Христо Пејков. Тој, пак, не се бунеше!? Го прашувам за по дома, ми одговара – не си нормален, човече. Прашање е на живот или смрт, разбираш ли?

ПРОЧИТАЈТЕ:

Прв дел од животната прикаска на Петар Георгиевски: ,,Третиот ден се сретнав со Бога”

Втор дел: ,,Подгледнувај ме ноќва дали дишам”

Трет дел: ,,Средбата со Дедо Боже”

ТЕСТАМЕНТОТ

Ице полека заминува, а Христијан во следните два часа се појави со адвокат. Неколку думи, поделив што имам од овоземскиот свет наизуст, тој запиша и целиот разговор ми остана во глава дека ова тешко се оправа и дека нозете никогаш нема да ми бидат истите. Едната нога атрофирана и помодрена, другата бумбар отечена и венски непроодна.

Во моментите на ретка осама решавам да си го одземам животот и тоа на достоинствен начин. Да истрчам последен круг на Интензивна и да завршам како што сакам, а не во кревет. Гледам во една точка замислено и го правам планот.

Во соба влегува сестра Сабина и туку се стрчува кон мене и вика: ,,Каде, бе, ти?!”. Ме тегне за едно уво како прваче, па оди од другата страна и ме тегне за другото.
Не ми се верува! Ја гледам збунето, а таа на мене: ,,Што ме гледаш, кај си тргнал со тоа умот?Сите користиме прилика да се шалиме и уживаме со тебе, а ти у тачка гледаш. Дали си нормален?”.
Пауза.
– Знаеш кој лежеше у овој кревет? Амди Бајрам – ми вели.
Ми се оттргнува мислата и се прашувам каква врска има Амди со ситуацијава!?
Сестра Сабина продолжува: ,,Лежи у кревет он и јаде хамбургер од 7-ца. И тоа сенфот и кечапот му се слеваат по него у кревет, жена му го држи за рака, а со другата он си лапа, па доле у собата се` лом. И синовите со снаите беа и они лапаа. И што да ти кажам, лом! И им свикав – не ви е ова ќебапчилница – Интензивна е. А, он на мене – Има и за тебе злато, дојди, земи! Затворив врата, си отидов, што се случи потоа, не знам”.

Ја слушнав прикаскава и од целово како ми раскажа си направив таков филм да од моето ,,самоубиство” не остана ни ,,с”.
Сабина тогаш ми вели – одам да сменам еден катетар и се враќам. Кога ќе се вратам, сакам да ми раскажеш од оние, илјадниците животни прикаски. Разбра! -.
Ми наредува.
За цело време збор не изустив, молчев и се чудев како една обична приказна ме извади од лоша мисла.

Петар Георгиевски (58) со татко му (93) и син му – 29 години

Решавам да ја продолжам борбава. Па, што сака нека биде! Смислувам планови како да ја ладам левата да падне отокот и како да почнам да ја вежбам десната без да ме гледаат. Да не беше сестра Сабина, тешко дека сликава ќе беше комплетна. На роденденот на син ми, само 20 дена подоцна, еден ќе фалеше. На фотографијата сме: татко ми 93 години, син ми 29 и јас 58 години. Во исчекување сме на четвртиот член.

(Продолжува)

[divider style=”solid” top=”20″ bottom=”20″]

[facebook]

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email
Print
error: Content is protected !!