Петар Георгиевски, попознат во Скопје и во екс Југославија како Перо-Камиказа, некогашниот основач на групата ,,Меморија”, дипломиран актер на ФДУ, а денеска успешен бизнисмен, јавно ја раскажа својата ланска судбинска прикаска. Борбата со болеста поради која животот му висеше на конец цели 17 дена. Вели ,,ноември е месец на тага, но и радост”. Во 2017-та година на 18 ноември со ,,Меморија” во ,,Метрополис арената” одржаа спектакуларен концерт по повод 35 години од основањето, а во 2018-та година, во ноември – Перо заврши во болница.
Да, вака изгледав на денот кога излегов од болница после 17 дена, бањат само со влажни марамици и со леген за миење лице. Но, до тука треба да стигнеме.
По неколкуте епизоди со ,,виза за во еден правец”, си легнав на брашното и си лежев в кревет. Но, сега помирен со тоа дека тука треба да поминам уште 10 дена. Ќерка ми донесе лап-топ и после долго време вклучив компјутер. Ставам рацете на тастатура и сами ми пишуваат ,,Тесла”. Тука почнува едно ново патешествие, кое трае до ден-денешен и ме однесе до куп одговори, но и ми зададе и еден куп прашања.
Исчитав еден куп нешта за ликот и дојдов до значајни откритија за тоа кој од околината стасал најблиску до неговите откритија. Па така многу од нив и ги набавив кога излегов.
НА ЧОВЕК МУ Е ПОТРЕБНА ЕДНА НАТКАСНА И ЕДЕН КРЕВЕТ
Ми доаѓа фамилијата на посета и им велам -,,на човек му е потребна една наткасна и еден кревет”. А, ќерка ми шеретски – ,,А, мотор, гитари, точаци, гаџети..?”.
Јас и` одговарам дека тоа е надградба, а јас сум сега кај темелите или многу блиску до нив.

Деновите што поминуваа, ги поминував во давање мислења поврзани со трчањето на некои доктори кои тукушто почнале да уживаат во оваа ,,дрога” наречена трчање. Која прави многу ќеф, но прави и болка и тоа насекаде во телото, на различен начин, на различно место.
Еден важен доктор ме праша за болка во потколеница. Му велам – ,,кај тибијата, така?”.
Ме гледаше збунето, а јас ,,дај ногата тука” и го гаѓам точно каде што го боли.
Му велам: ,,сплин сит, сигурно имаш болка и во L5 и S1″. Тој уште позбунет, од каде ги знам овие работи. Ја му викам сум ги имал истите белји на почетокот, му кажувам дека е нормално телото да се прилагодува на новонастанатата ситуација. Е, чаре?
Му реков да продолжи да трча и телото ќе се навикне, ич да не бере гајле. Се смее и ми кажа: ,,фала, колега на најисцрпниот одговор од сите ортопеди”. Низ насмевка му реков да не се чуди ако овие денови добие ишијалгија и периформусот се затегне -тоа поминува за 2-3 недели. Со чудење и со милион прашалници си замина.
ПРОЧИТАЈТЕ: Прв дел од животната прикаска на Петар Георгиевски: ,,Третиот ден се сретнав со Бога”
Втор дел: ,,Подгледнувај ме ноќва дали дишам”
Трет дел: ,,Средбата со Дедо Боже”
Четврт дел: ,,Амди лежел во мојот кревет и си јадел хамбургер”
Така некако го трошев времето во кревет, со прашања и одговори од персоналот, посетите од фамилијата, пријателите и пријателките. Седумнаесеттиот ден, отокот на левата нога преполовен, доплерот најави подобрување. Левата нога после илјадници стискања на прстите ја менува бојата, визитите утрински укажуваат на подобрување.
КАЈ БЕРБЕРОТ
Беше ден петок кога ,,избоксував” некако да ме пуштат.
Станувам од кревет да се облечам и што да видам – еднава нога едвај влезе во фармерките, а другата веднаш и таа ногавица пафташе, но нема врска – си одам дома.
Станувам од кревет и првпат по 17 дена чекорам, како дете кое проодува – несигурен, збунет, немоќен. Во себе си велам – ,,убаво викале овие што не ми давале да се движам, ама како сега до доле?”.
Се шетам по Интензивна и се правам дека се` е во ред, да не им текне пак да ме легнат. Доаѓа син ми, ја напуштам болницата, се прекрстувам и му велам на син ми – ,,правац на бербер”.
Пуштивме музика во кола и двајцата урлавме. Стасавме на бербер, седнувам да ме шишаат и бричат, кога кај син ми ѕвони телефонот.
Од другата страна д-р Христо Пејков, со висок тон – ,,одма дома, каков бербер, какви бакрачи. И згора на се` со итроштини сабајле замина, без мое одобрение”.
Берберот заврши и ние ,,правац дома”.
Му се јавив на докторот од дома, а тој со висок тон: ,,значи на крај сакаш да ја заебеме”.
Му реков добро е, дома сум, се избањав и сега сум како нов. Се смеам, а тој – ,,да не си мрднал од дома, разбра? Ќе те барам на секој саат, да знаеш”.
Ете ти притвор, ама домашен. Не болнички.
Левата нога се прави како ,,подвезица” од вени во горниот дел и се покрив веднаш, некој од дома да не види. Битно сум дома, ова ќе го решавам чекор по чекор.
(Продолжува)
[divider style=”solid” top=”20″ bottom=”20″]
[facebook]