Политички скандали и јавноста
Пишува:// Јорданка Ивановска-Јоци
Секој политички скандал има епицентар и магнитуда.
Со секој нов, кој доаѓа последователно, т.е. еден по друг – паѓа магнитудата и силата.
А, јавноста не располага со доволен капацитет да прими многу информации за кратко време. Само следи бледо и немо. Но, не прима. Има истрошен капацитет околу тоа и чека реални, опипливи ветувања, особено два месеци пред избори.
А, за тоа време се зголемува имунитетот на политичарите и партијата кои биле во ризик, бидејќи ја преживеале ,,лавината”. Некој им дал време. Токму времето е пресудно кога се вадат скандали. Кога нешто влечкате, развлекувате како мастика, подавате на медиуми со временски ,,дупки”, простете се од експлозија.
Во нашиот случај, предвремени избори се распишаа на барање на екс премиерот Зоран Заев, поради недобиениот ЕУ датум, не поради политички скандали од опозицијата.
Кога нема реакција од јавноста околу скандали и лоши политики, не се излева незадоволството по улици, исто како да нема скандал.
Основни лекции по јавно мислење се тоа. Алфа и омега. Секој што се занимава со јавно мислење, точно знае дека политички скандали од разни центри во моментов само го ,,загадуваат воздухот”, дури и на своја штета. Не нудат ништо, само напаѓаат.
Речиси секогаш е доволна само една силна афера, со јасен импакт и атак, за да заврши нечија политичка кариера. И толку. Таков беше случајот со аферата ,,Штрос Кан”. Сексуална афера.
А, социјални немири, нема на повидок за заокружување на прикаската која ја почна опозицијата со мафтање со хартии. И оттогаш ја ,,тормозат” јавноста со давање некакви нови сознанија ,,на лажичка”.
Оваа Влада преку Нина ,,диџитал грл” , се грижи за навремена исплата на буџетски плати и пензии – 500.000 луѓе се намирени.
Се` ова по фејсбуци, ,,да им јеем матер шо го сменија името…прасица…мафија, кум 1,2,3″ е народен фолклор.
Да пројде денот.
Влада може да бутнат за брзо време, на избори, само социјални немири и протести од опозиција. А, сведочиме, ни абер, ни глас од такво нешто, наназад три години.
Политички скандали, ,,штанцани” секој ден по десетина кои немаат јасен импакт и фидбек – не. Напротив, може да се случи во одреден момент ,,рикошет”, поради нараснато незадоволство од јавноста, која очекува многу повеќе од политички партии кои ги кројат нивните животи, наспроти вакви играчки, стари вести, во чиј период на одвивање, власт биле токму оние кои сега ги пласираат.
Заплескани скандали, последователни, од сомнителни центри, насочени само кон еден, единствен лик, во случајов Заев, се ,,секонд хенд” роба. Може да ги купи некој, а може и не. Во секој случај – износена роба е. Ја ,,купуваат” единствено оние на кои им е наложено да ја ,,примат” како таква.
[divider style=”solid” top=”20″ bottom=”20″]