ПОРТРЕТ ,,МИЦКОСКИ” : Сокриен ,,слеп патник” во чамецот на ВМРО-ДПМНЕ

Пишува:// Јорданка Ивановска – Јоци

,,Не дозволувајте да зборуваме за темни денови, дозволете ни да зборуваме за поведри. Ова не се темни денови, ова се прекрасни денови – најубавите кои нашата земја некогаш ги имала” – (Винстон Черчил)

Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, во последното свое интервју, информираше дека меѓу последните книги, кои, се нашле во негови раце, е портретот за Черчил – ,,Моќта на зборовите”.  Не го цитираше горниот цитат, тој е мој избор, бидејќи тој е единствено окупиран со ,,црнила”.

Не сум сигурна дека овој човек знае колкава е моќта на зборовите и што тие можат да направат. Ниту пак ги разбира медиумите во нивната срж и моќ, за разлика од еден Черчил, кој и самиот бил новинар. Мицкоски, досега, покажа дека нема моќ да допре некого со своите зборови. Бидејќи, тие секогаш треба да бидат во комбинација со дела.

СЛАБ ОРАТОР, НЕСОДРЖАЕН, БЕЗ ЛИРИКА

Претпоставувам, книгава, се нашла во негова близина, намерно, за да научи нешто во однос на социјалната психологија и јавната сцена. Бидејќи, реално, Мицкоски, е исклучително слаб говорник, несодржаен, нема одржлива лирика во неговите обраќања до јавноста/гласачите, нема никаква полетност, не се чувствува чист воздух кога го употребува зборот ,,иднина”, ниту има визија, се повторува речиси секогаш, како во интервјуа, така и на бина, нема поенти. Нема топлина, ниту допира. Вергла едно те исто, но секогаш е кристално јасен за Никола Груевски, дури и кога молчи – никогаш не се оградил јавно од тој човек и неговите злостори.
Како во песната ,,Соба 23″ на ,,Денис и Денис” – ,, Iza tvojih misli pogled nedorecen,
duga sutnja stvara zvuk..”
Можеби и логично, а и целосно јасно ни е тоа во 2020 година, кога груевистички кадри ги гледаме на сите страни во техничката Влада.

Не се оградува од Груевски, јасен е дури и кога молчи

Неговите говори се технички, тврди, празни, не извираат од срце. Напати и неверојатно досадни и иритантни за сечие уво – ќе донел 4 милијарди евра и ќе го исчистел воздухот за 50 отсто!?! Па, во целата папазјанија потоа уфрлува и ,,искривени кичми” да добие две-три повратни солзи од ,,десничарите”.

НЕ МУ СЕ ВАЖНИ ,,ЛЕВИЧАРИТЕ”

Она најважното, Мицкоски, ништо не нуди на ,,левичарите”. Не се ни труди да се обраќа во своите говори на ова гласачко тело, кое, на последните Парламентарни избори беа огромна бројка – 430.000.
Всушност, тој ништо не нуди како реално одржливи мерки за секој просечен граѓанин, само напаѓа и напаѓа. И секаде гледа ,,црнила”.

Тој дури нема ни елементарна смисла за хумор, би рекла никаква за негови години, има 42. А, насмевката, која природно не му е широка, дури и во естрадни емисии, кои, по автоматизам треба да се забавни, му е некако кисела, извежбана, цинична, наместена. Како да се принудува себеси да се насмевне затоа што така треба во зададен момент. Секогаш усните му се во некоја полунасмевка – како во грч, како нешто да крие.

За разлика од него, неговиот опонент Зоран Заев, хуморот го има во големи количини, па сака да прави смешки дури и на своја сметка и така некако да ги окупира медиумите за насловници, а во очите на гласачите да изгледа како ,,дел од народот”.

Во една прилика, Мицкоски, дури и ја ,,украде” за јавно да ја сподели мислата на Черчил – ,,крв, пот и солзи”.
Но, она што не го знае Мицкоски, кој, изјави како немал време за читање е дека Черчил како новинар-дописник, пишувач, нобеловец за литература, беше меѓудругото многу начитан и имено затоа толку моќен во своите говори.

ЗБОРУВА ЗА ,,КИЧМИ”, А НА БОЈКО МУ ОТИДЕ НА БАЦИ-РАКА

Мицкоски, нема цврст став за ништо. Кога се менуваше Уставот, согласно договорот од Преспа, тој не повика на протести. А, ни кога се потпишуваше.

Се одмораше, веројатно киснеше во џакузи и спа центри, не брануваше јавност, не се ни обиде да се самозапали за ,,името”, веројатно по сугестија на меѓународната заедница да не ,,таласа” и чекаше власта сама да му падне од небо.

Но, затоа пак во 2020 година, на очигледна шокираност на меѓународната заедница, тој вее ,,кутлеши” по села и долини и го повикува истото тоа гласачко тело да му даде доверба за да менувал нешто за кое лани не мрдна со мал прст!? Еуфоричен, полн со адреналин, а малку повеќе здебелен од лани кога беше умерен или глумел такво нешто, сега вели ќе го враќал ,,името”. Кое ,,име”, Мицкоски, ти ќе го враќаш?

Мицкоски како ороводец со знамето ,,Кутлеш”

Точно, нема никаква логика. Токму затоа, деновиве американската амбасадорка Кејт Брнс, меѓу редови, со низок тон, но отсечен, го дисциплинираше вмровското високо раководство – да не ги заблудува граѓаните во кампања со враќање на Македонија во минатото.
И, конечно, по сите тие дисциплински мерки, време е Мицкоски, на своето гласачко тело да му соопшти дека ,,Преспански” е реалност, а Уставот ќе остане ист, заедно со ,,Северна”.

Колку Мицкоски нема јасна мисла и е неконзистентен, говорат хаотични потези. Во еден ден неговата партија ќе рече ,,нема да дозволиме уцени од Заев”, следниот ден веќе истата партија го изгласала Законот за плати и пензии на барање на истиот тој Заев.
Во еден ден, се против Договорот за добрососедство со Бугарија, го бојкотираат гласањето, а веќе следниот седат на маса со Бојко Борисов, на кој му климаат со глава како мали дечиња и му зборуваат дури и на негов јазик. Дури и неговата идна носителка на изборна единица број 1, професорката Гордана Силјановска, досега смени 547 изјави околу ,,Северна”. Немала да се потпишува на документи, ама евентуално со затворени очи. Немала да ги трга таблите со ,,Северна”, но под туш ќе си пеела Македонија.

Мицкоски нема тим. Негов тим се груевистичките кадри во најголем дел. Кои се апсолвирани и пратени во историјата.
Во политичките науки, секој лидер мора да создаде тим кога ќе дојде на тронот. Тоа го направија Црвенковски, Георгиевски, Груевски, Заев, но очигледно тоа не важи за овој човек, можеби затоа што и самиот не се доживува така – како лидер.
Тој во моментов и две години наназад, се ,,вози” во чамецот на ВМРО-ДПМНЕ како ,,слеп патник”. Без карта, сокриен, без да гледа каде оди чамецот. Во моментов се на отворено море. Може и да стасаат на дестинацијата, а може и да потонат сите. Токму заради тој еден ,,слеп патник” кој го оптеретил чамецот со знамето ,,Кутлеш” во куферот, со касетата ,,Ела, да те питам, бабо”, со еден чевел за назад и оние чкрабаници каде ги запишал оние неверојатни негови фикции – 4 милијарди евра инвестиции.

Продолжува: Во наредните денови – Портрет ,,Заев”

[divider style=”solid” top=”20″ bottom=”20″]

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email
Print
error: Content is protected !!