Пишува:// 🎬 Јорданка Ивановска – Јоци
Мислам дека поминаа десет години, откако јас и неколку новинари, но и неколку членови на Совет од сите партии, бевме во дводневна службената посета на Загреб.
Сè беше на високо ниво – од хотел, до возила за превоз, луксузни ресторани. Беспрекорно. Тој за своите гости се грижеше да се чувствуваат како вистински важни личности при посетата на неговиот град. Немаше никаква грешка, не штедеше на ништо.
Кога се спушташе авионот над Загреб ме фати вистинска нервоза. Летот беше краток, час и половина мислам, но приземјувањето траеше цела вечност, барем мене така ми се чинеше. Беше ноќ. И студено.
Сакам полетувања, но не и слетувања.
Организатор беше тогашниот градоначалник Коце Трајановски и Град Скопје, но трошоците за престојот ги плати Град Загреб и градоначалникот Милан Бандиќ – како домаќин.
Скопје и Загреб се збратимени градови.
Бандиќ нè смести во ,,Шератон”, во срцето на Загреб. Единствен проблем беше што не се отвораа прозорците од хотелот. И што имав непушачка соба. Секако, за тоа го обвинив Коце, кој е непушач! Тој ми беше најблиску!
-Добро, градоначалник, ако вие сте непушач, не значи дека сите треба да патиме два дена – му реков.
Секако, се шегував. Коце прифаќа шеги.
Спиењето во хотелот беше фантастично. Легнуваш, потонуваш за десет секунди, се будиш наспан. Невидено! По тоа го паметам Загреб.
За тоа ќе се навратам повторно при крај.
Освен посетите на јавните претпријатија и ред други работи кои беа дел од посетата, нормално – имаше и релакс вечери по луксузни загрепски кафеани.
Една вечер, знам, бевме на некој настан со пиво и кобасици. Искрено, не можам да се сетам како се викаше, но имаше шатори, пиво, греалки, превкусни кобасици. Ние сите, од скопската делегација, си земавме вилушки, ножиња, тањири…
Дојде Бандиќ, нè гледа целите ,,уштиркани”, напнати и ни кажа – ,,ма дајте, зошто ви се вилушки!?”
И ни покажа како треба – со раце!
Тоа беше вистинскиот тој. Едноставно не глумеше ништо. Ние го послушавме.
Кога си заминувавме од хотелот, на рецепција им реков – спиев прекрасно, ви благодарам.
Ми одговорија – знаеме! Тука ги прашав како тоа знаат, а потоа ми објаснија дека не сум прва која убаво спиела, нивната колекција за спиење (душеци, перници, јоргани од гускини пердуви) биле дизајнирани токму за нив и токму за убав сон на нивните гости.
Ајме!
И ваков неверник како мене убедија во нивната хотелска мисија!
Се надевам дека Милан Бандиќ е сега на некое прекрасно место. И убаво спие.
(Фото: Град Загреб)
[divider style=”solid” top=”20″ bottom=”20″]
[facebook]
