Со почеток во 17 часот, денеска, во Паркот кај клупата на големиот македонски драмски писател Горан Стефановски во Дебар Маало, ќе се одржи настан во негова чест. Паркот ќе биде осветлен и исполнет со неговите цитати на сите европски јазици.
Низ дружење и неформален разговор, посетителите ќе се потсетат на неговиот живот и неговите дела.
– Заедно ќе ги вклучиме светилките во паркот и симболично ќе му оддадеме почит на Горан, по повод 70 години од неговото раѓање. Паркот покрај ЛЕД и соларните светилки, ќе биде украсен и со рачно изработени сувенири од природни материјали. На секој од нив ќе биде испишана порака од последниот есеј на Горан Стефановски ,,Искрата што се измолкнува” поместен меѓу кориците на ,,Идентитетот е приказна” на Иван Антоновски: ,Сите живи суштества се раѓаат со инстинкт за преживување. Пајаците, за да преживеат, ткаат мрежи. Луѓето, за да преживеат, ткаат приказни. За нас нема ништо поважно од овие приказни. Тие се сржта на нашиот живот, ’рбетот на нашиот идентитет’. Сакаме да ја започнеме празничната атмосфера во срцето на Скопје, покрај неговите омилени дебармаалски култни места, проткаени со приказни, кои ќе останат за многу генерации по нас“, велат организаторите кои настанот го организираат со поддршка на делегацијата на Европската унија.
Преводите на цитатите од Горан, посочуваат, биле обезбедени во соработка со Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, пријателите на Горан и колегите од Делегацијата на ЕУ.
Настанот ќе биде придружен со тивка акустична музика од бендот „Amniotic Fluid“.