Во организација на Одделението за детска, социјална и здравствена заштита при Општина Карпош, денеска во просториите на урбаната заедница „Влае 1“ беа доделени 110 хуманитарни пакети, наменети за жителите кои се наоѓаат во потешка материјална состојба.
Станува збор за традиционална хуманитарна акција која се реализира по 29 пат, по повод новогодишните и божиќните празници за ранливата категорија на граѓани да го почувствува солидарниот дух на своите сожители, кои за нив донираа прехранбени и кондиторски производи, како и хигиенски средства.

Кон оваа хуманитарна акција се придружија вработените од општинската администрација во Карпош, дел од членовите на Советот од Општина Карпош, како и дечињата од сите детски градинки и основни училишта кои се наоѓаат на територија на локалната самоуправа, информираа општинарите.
Социјалните пакети ги врачи градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски кој на присутните им посака многу здравје и среќни новогодишни и божиќни празници.
-Се надевам дека тешките моменти ќе останат зад вас и ви посакувам набргу да искочите од оваа зона на социјален ризик. Би сакал да ве уверам дека сите вие сте дел од нашето големо семејство кое се нарекува општина Карпош и оттука, локалната самоуправа секогаш ќе се грижи за своите сограѓани на кои им е неопходна нашата поддршка и помош. – истакна Јакимовски.
Локалната самоуправа ја спроведува оваа традиционална хуманитарна акција исто така и во пресрет на Велигденските празници.