Доцна вечерва, со 28 гласа ,,за” и 8 воздржани од 45 советника, изгласан е Буџетот на Град Скопје за 2023 година кој е проектиран на 6,9 милијарди денари или 114 милиони евра. На седницата се дискутираше за развојните програми, субвенции и проекти кои ќе се реализираат следната година, а меѓу нив се почнати и идни комунални проекти, сообраќајници во надлежност на Градот, 23 средни училишта, градските установи како Музеј на Град Скооје, библиотеката ,,Браќа Миладиновци”, КИЦ, МКЦ, Зоолошката градина, Луна паркот, Универзална сала, Противпожарната бригада и друго.
Најголемиот дел од приходите и приливите во Буџетот на Град Скопје за 2023 година се планира да се обезбедат од наплата на даночните приходи (49%), и приливите по основ на дотации (30%). Останатите приходи и приливи се со помал процент. Даночните приходи претставуваат најзначаен дел од сопствените приходи на градот – се вели во образложението од Предлог – Буџетот.
Јавното сообраќајно претпријатие ,,Скопје” [ЈСП] планирано е да добие вкупно околу 12 милиони евра субвенции.
Од оваа сума, 130 милиони денари ќе се обезбедат за бесплатен превоз на возрасни лица (над 62 години старост за жени и над 64 години старост за мажи) во вторник, петок, сабота и недела; и бесплатен превоз на редовни студенти на додипломски студии на државните универзитети.
За потешкотии во работењето ќе се доделат субвенции во износ 550 милиони денари, а за функционирање на АЛВ и систем за интелегентна наплата, набавен во 2014 година, во износ од 60 милиони денари.
И ,,Улици и патишта” е предвидено да добие субвенции, како и изминатите години – за одржување и оперативни трошоци на Центарот за управување и контрола на сообраќајот [ЦУКС] во износ 20 милиони денари.
Јавното претпријатие Лајка – Скопје, предвидено е да добие субвенции во износ од 10 десет милиони денари за потешкотии во работењето.