И СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ не гласаа за нови 50 автобуси кои ги побара Арсовска

Советот на Град Скопје на денешната 23 седница не ја донесе одлуката за задолжување на Градот за набавка на нови 50 еколошки автобуси во текот на оваа година. Од СДСМ уште во текот на седницата рекоа дека ќе гласаат воздржано, бидејќи не знаат врз кои параметри ќе се набавуваат автобусите, колку на број, од која компанија, кога, на колку години ќе биде задолжувањето, а укажаа и на финансиската нестабилност која, според нив, го очекува Град Скопје оваа година.

И покрај апелите на градоначалничката Данела Арсовска дека набавката на нови еколошки автобуси е суштествена за градот и граѓаните, загадувањето и јавниот превоз, за предлогот за задолжувањето на Градот 15 советници гласаа ,,за”, еден ,,против” и 18 советници беа воздржани.

Претходно Арсовска потсети дека сумата од 620 милиони денари која ја бара е согласно нејзината Програма ,,За модерно Скопје” и треба за неа да гласаат оние кои ја поддржале, алудирајќи на ВМРО-ДПМНЕ. Меѓудругото рече дека оваа набавка не се разликува од ниту една друга во Градот и кои имено се транспарентни на порталот ,,јавни набавки”.

-Новите автобуси се потреба за градот според еколошки стандарди за јавен превоз, за заштита на здравјето на граѓаните и поради квалитетна услуга – посочи таа пред гласањето.

Љубица Јанчева од СДСМ праша дали оваа набавка ќе го реши јавниот превоз. И потоа самата си одговори.

– Не, бидејќи концептот ќе остане ист. БРТ е тој кој целосно ќе го реши превозот, но ние наместо тоа плаќаме пенали – рече Јанчева.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email
Print
error: Content is protected !!