
,,Кој ја уби Л.А актерката Адеа Шабани ?”, е насловот на локалниот калифорниски магазин ,,Auburnjournal”, со кој по десетина дена молк околу истрагата од властите, повторно го актуелизира убиството на 25-годишната македонска актерка. Тие се и единствениот медиум, од локални и светски гласила, кој решил да ја следи и понатаму трагичната смрт и да ги потсети властите дека должат уште одговори за убиството на Шабани, по идентификувањето на нејзиното тело од полицијата во Невада, кога телото беше пронајдено во плиток гроб.
Шабани, 25-годишна актерка, која, во Холивуд се преселила да го оствари својот сон, беше пронајдена минатиот месец, во руралниот дел од Невада, а идентификувана по тетоважите на нејзиното тело. Исчезна на 27 февруари, по што почна потрагата по неа.
Според извештајот од 28 март годинава, кога е идентификувана, на нејзината глава била регистрирана траума од удар.
На 28 март, и последен пат се огласи и канцеларијата на шерифот на Невада на социјалните мрежи. Оттогаш, нема нова вест околу истрагата.

Главен осомничен во истрагата е нејзиниот љубовник Крис Споц, кој, паралелно со врската со Шабани, бил свршен со друга жена. Тој се самоуби, пукајќи во себе, а е последниот човек кој бил со Шабани во нејзиниот апартман во Холивуд. Двајцата се регистрирани од камерите во лифтот.
Споц, млад актер, колега и љубовник на Шабани, кој на Ју тјуб имал и свој канал, пред два месеци, непосредно пред исчезнувањето на Шабани и еден месец пред неговото самоубиството, се снимил со пиштол в рака и монолог за животот и смртта, љубовта, жена која исчезнува и што сака да ја врати со саможртва.