Петар Георгиевски, попознат во Скопје и во екс Југославија како Перо-Камиказа, некогашниот основач на групата ,,Меморија”, дипломиран актер на ФДУ, а денеска успешен бизнисмен, јавно ја раскажа својата ланска судбинска прикаска. Борбата со болеста поради која животот му висеше на конец цели 17 дена. Вели ,,ноември е месец на тага, но и радост”. Во 2017-та година на 18 ноември со ,,Меморија” во ,,Метрополис арената” одржаа спектакуларен концерт по повод 35 години од основањето, а во 2018-та година, во ноември – Перо заврши во болница.
ПОСЛЕ БУРАТА
По враќањето дома, некако добив нова шанса да истражувам за ова што ме снајде и да експериментирам со вежби за нозете кои ги правев секој час по едно 10 минути. Како изминуваа првите денови од излегувањето од болница, така почнав со гладувањето со сокови од цвекло, моркови, лимон и ѓумбир. Другиот беше од јаболко, ананас и ѓумбир. А, за вечера, кога го земав лекот, јадев леќа со тонус потпечен леб, премачкан со маслинов зејтин.
Петтиот ден собрав сила и излегов на Кеј, без разлика што беше грч студено, тргнав да одам со јасно поставена цел: од ,,Жабар” до првиот мост. Едвај најдов пошироки патики, кои, не ги допираа прстите на десната нога, на која ако допираше нешто – ме болеа. А, за левата исто требаше поширока патика, за да влезе отечената нога. Јуначки ги издржав првите два километри и некако добив сила за новиот план кој го прочитав од еден руски доктор Неумивакин кој имал сличен проблем. Направил лечење со 3% хидроген во вода, неколку капки на ден, но повеќе пати и ,,чучњеви” кои ги правев исто неколку пати на ден и кои беа строго забранети во нашата медицина.
Успеав и лично да се слушнам со него и да си поприкажам малку, но за жал на 99 години, во мај годинава – почина во сон. Само десет дена пред да наполни 100 години, потполно здрав, во сон.
Секој следен ден, ја зголемував должината, па по десетина дена стасав до мостот кај ,,Палас” и оттука полека отидов на работа да ги изненадам вработените, исто така пеш до училиштето за странски јазици, каде што ни е канцеларијата. Направивме од најубавото кафе, купивме боза, еклери, индијанки и се нагостивме. Полека, но сигурно ми се врати сонот во целост и од ден на ден се чувствував подобро.
КАЈ БРАНЕ ВО ,,ПЕЛИСТЕР”
Доаѓаат предновогодишни празници и јас со цела фирма во ,,Пелистер” учествував во доделата на 13-та плата на вработените и во дружба со другар ми Бране, кој, кога ме виде се радуваше како мало дете и насмевката не ја тргна долго тој ден.

По обавените славенички церемонијали, тргнав пеш кон дома и по првпат од излегувањето почувствував силен замор кога стасав дома. Топол-студен туш, неколку минути молитва и полека привршуваше овој долг ден.
На 1 јануари, по поминатата ноќ на плоштад, се разбира не повеќе од еден час, собрав храброст и со нашиот мото-клуб ,,Букефал” се појавив со другарите на плоштад со мотор. Таму Ленин Јовановски и компанија не` дочекаа со врела ракија и вино како и обично, но оваа година јас бев главната атракција, која ете – станала од мртвите и се појавила на блага ракија.
Прашања стотици и еден одговор: ,,ви благодарам за грижата, сега оди на добро како што гледате”.

Од таму, со моторот, се вдадов на Кеј кај ,,трчачите” на Кокан Ајановски, кои, традиционално го трчаат тоа првојануарско попладне. Многу од нив ме пипаа, ме бацуваа и велеа – па, супер изгледаш, човече. Се сликаме, потрчнувам едно стотина метри, облечен во моторџиско одело и во чизми, помодрените прсти ме болат, но стискам заби. За крај одам на прославата кај ,,трчачите” хедонисти од ,,091 Run Crew”, ,,лупам” кока-кола и толку.
Повторно се враќам на секојдневните вежби и пешачења. Наредните денови правам слика на плуќа на Нуклеарна медицина и…
ПРОЧИТАЈТЕ: Прв дел од животната прикаска на Петар Георгиевски: ,,Третиот ден се сретнав со Бога”
Втор дел: ,,Подгледнувај ме ноќва дали дишам”
Трет дел: ,,Средбата со Дедо Боже”
Четврт дел: ,,Амди лежел во мојот кревет и си јадел хамбургер”
Петти дел: ,,Ногата ми се направи како ,,подвезица” од вени”
(Продолжува)
[divider style=”solid” top=”20″ bottom=”20″]
[facebook]