Петар Георгиевски, попознат во Скопје и во екс Југославија како Перо-Камиказа, некогашниот основач на групата ,,Меморија”, дипломиран актер на ФДУ, а денеска успешен бизнисмен, јавно ја раскажа својата ланска судбинска прикаска. Борбата со болеста поради која животот му висеше на конец цели 17 дена. Вели ,,ноември е месец на тага, но и радост”. Во 2017-та година на 18 ноември со ,,Меморија” во ,,Метрополис арената” одржаа спектакуларен концерт по повод 35 години од основањето, а во 2018-та година, во ноември – Перо заврши во болница.
РЕЗУЛТАТИТЕ (100 ДЕНА БОРБА)
Во периодот кој следуваше по Нова Година, се зафатив со сериозно средување на мислите, телото и духот. Почнав ,,генералка” во сите правци: се молев, вежбав, читав и по снегот и студот ја зголемував километражата со одење и брзо одење.
За мојот роденден, решив да потрчам или што би се рекло – да се почастам. И би првиот километар, со сите маани, сепак ова ми беше најдрагиот истрчан километар од било кога. Онака несигурен, малку ,,ќопав”, но со многу желба.
Дедо Боже почна да ми ја враќа шансата за повторно враќање на моето ендофринско задоволство, наречено – трчање.
Ѓорѓи Филев Македонски два-три пати неделно ми правеше терапија, правев стотици ,,чучњеви”, одев на прсти, на пета, на страна, навнатре со стопалото и уште стотици други вежби.
Почнав да одам на јога кај Давор Петровски и почнав да возам велосипед првите денови од март.
Сите совети од д-р Христо Пејков ги спроведував во целост, освен овие спортскиве кои не му ги пријавував во целост за да не ме сопре во замисленото.

Полека, но сигурно десната нога почна да си ја добива бојата и топлината, а другата се намали во обем за 3 сантиметри и не беше многу видливо отечена.
Паѓа одлука 100-от ден да правиме томографија. Тој ден го запалив и моторот и повторно конечно – свој на своето. Цело е кога има се`. Ми прават тоа што треба и ме викаат на читање резултати. Еден крупен лик ми вели: ,,оваа плуќа изгледа премногу добро за некој кој имал пулмонална емболија, дури мислам дека има и некоја грешка во дијагнозата, бидејќи алвеолите се гледаат до петто колено и нема никакви лузно, едноставно ова е џам плуќа”.
Му вадам слика од претходното снимање и фото од нуклеарна медицина, каде што значајно се гледаат сите проблеми. Докторот вели: ,,речиси невозможно, ама тоа не е важно, ти си во топ кондиција. Вените и артериите во добра кондиција, сем мало нарушување на десната артерија која си направила одлични колатерали”.
ПРОЧИТАЈТЕ: Прв дел од животната прикаска на Петар Георгиевски: ,,Третиот ден се сретнав со Бога”
Втор дел: ,,Подгледнувај ме ноќва дали дишам”
Трет дел: ,,Средбата со Дедо Боже”
Си отидов од таму пресреќен и оваа радост прво ја споделив со Ице кој се радуваше како мало дете: ,,леле, топ брачед ова, подобро не можеше да биде”.
Следното утро дојде Ѓорѓи Филев Македонски да ми прави терапија и ме гледа чудно. Ми рече нема да ми прави, сум изгледал чудно во аурата.
Му реков, резултатите се одлични, но, ок-другпат ќе правиме терапија. Си оди. Се чудам и анализирам што го набрка сега Ѓорѓи!? И ми текна, течноста која ми ја вбризгаа му ја изместила сликата на астрално тело. Му се јавувам и му велам ,,вака и вака”, а тој: ,,затоа те гледав зелен”. Се изнасмеавме и се договоривме за скоро видување.
Облакам спортска опрема и ,,правац” Кеј да поттрчам. Види чудо, бапнав 5 километри без никаков проблем, но сега ослободен ментално, физички и психички од одличните резултати. Сега бев сигурен дека многу скоро се враќам полека, но сигурно кон минатогодишниот план за прв триатлон. Но, многу побавно и потрезвено од лани.
ВРАЌАЊЕ НА ОТПИШАНИОТ
Во април, сериозно си ја сфатив работата и сериозно почнав да тренирам како ништо да не се случило. Речиси 200 истрчани километри, а 400 со точак извозени километри, беше позамашна задача за ,,Џедајот”. На радоста и` немаше крај. Почнав со трките на 5 километри кај Кокан Ајановски и првото мое повратничко трчање го крстија – Перо се врати, навистина се врати. На целта ме дочекаа со аплаузи и скандирања, како на концерт. И ај, оди после не трчај.
Со молскавична брзина се ближеше ,,Скопски маратон”. Земам бројче за полумаратон. Кога одеднаш почнаа да стасуваат пораки од постариве како Бранислав Бане Јаргиќ и остали со замолба да го рипнам овој маратон!? Почнаа и други да ми ѕвонцаат.
И на крај – прифатив. Ќе трчам на 5 километри и така никогаш не сум ги трчал. Можам да ви кажам дека не згрешив уопште, пошто сега се тркав со група од едно 9.000 луѓе (морав да си најдам оправдание зошто послушав). Да ви кажам искрено, толку многу уживав во тие нешто помалку од 30 минути, што не се опишува со зборови. Неоптеретен од времр и простор, правење стратегии каде, што, да се напијам, така лагано си го бапнав петчето што на крај бев пресреќен дека послушав.

По ,,Скопски”, случајна средба со Игор Димовски, шампионот за спринт триатлон на Вардар и позајмувањето на точакот за да се такмичи. Отидов во Охрид да го гледам.
Морам да признаам дека ми ,,потекоа лиги” кога ги гледав како уживаат во трката, но на крајот бев пресреќен, бидејќи Игор освои прво место и јас на некој начин се најдов како учесник. ,,Да не пукнеш, во секоја манџа те има”, ми рече.
Потоа со другарите од мото-клуб ,,Букефал” во јули заминавме за Данска на ,,Фим рели”. Д-р Ице не сакал да ме тормози, но многу бил загрижен за оваа лудорија, бидејќи лекот што сум го примал, ако случајно сум паднел-ќе било многу заебано. Јас уместо да паднам, дупнав само гума и во Данска искиснав за сите пари со колегите. Таму нека оди лошото.
Се враќаме живи и здрави и се спремам онака без оптеретување за вториот дел од сезоната. Прво дојде ,,десетката” на ,, Skopje Run” каде со Драган Тодоровски Датс бевме ,,пејсери” и супер си поминавме. Другата недела на маратон во Софија, исто ,,десетче”, со извонреден филинг и многу драги луѓе од Софија и Скопје. Незаборавен викенд. Николај Ники Кротнев со фамилијата беа одлични домаќини.
Дуатлонот доаѓаше како последен во сезоната. Да не го дрвам многу, уживав во ова патешествие. Дуатлон! Нозете не ме изневерија, можностите беа можеби нешто малку подобри, но задоволството да помогнам во постигнувањето на подобар резултат на Марија Милановска беше предизвик кој ме направи многу посреќен од неколкуте минути побрзо завршен триатлон. И сега за пред крај…Тука завршив неславно лани, но почнав одново блескаво. Ти благодарам Боже за шансата и задоволството.
А, да, ме ставиле во некоја категорија за ,,маж на годината” и за среќа не ме избраа, бидејќи ќе ми ја разбиеја титулата ,,уметник на народот”. Ете, толку за денеска. Остана уште резиме и некои бројки и графикони кои ќе им значат на трчачите, но треба со вас да земете патики, качете точак и како мене од другата недела правец – базен! Триатлонот се ближи.
П.С: Ништо од муабетот за болеста..ко да не била.
ПРОЧИТАЈТЕ: Четврти дел: ,,Амди лежел во мојот кревет и си јадел хамбургер”
Петти дел: ,,Ногата ми се направи како ,,подвезица” од вени”
Шести дел: “Правев ,,чучњеви” и пиев сокови од цвекло, моркови и лимони”
(Продолжува)
[divider style=”solid” top=”20″ bottom=”20″]
[facebook]