Петар Георгиевски, попознат во Скопје и во екс Југославија како Перо-Камиказа, некогашниот основач на групата ,,Меморија”, дипломиран актер на ФДУ, а денеска успешен бизнисмен, јавно ја раскажа својата ланска судбинска прикаска. Борбата со болеста поради која животот му висеше на конец цели 17 дена. Вели ,,ноември е месец на тага, но и радост”. Во 2017-та година на 18 ноември со ,,Меморија” во ,,Метрополис арената” одржаа спектакуларен концерт по повод 35 години од основањето, а во 2018-та година, во ноември – Перо заврши во болница.
Да, оваа недела што измина се бавев со докторски мислења, прегледи, констатации…Конечно после година дена сите резултати се одлични, терапија веќе ,,јок” , сем аспирин и со божја волја полека почнав да го крчкам планот за наредната сезона. Некое ,,спринт триатлонче”, едно ,,олимписко триатлонче” и два-три полумаратони.
Сега морам да ви раскажам уште една прикаска која се случи некаде во март годинава во МКЦ. По одличните првични резултати, одам да пијам нешто со пријателите кои ги избегнував за време на ,,монашењето” по дома. Ми приоѓа Влатче и ми вика: ,А, бе, чув си умрел!”. Јас му велам, како од пушка: ,,Точно е, бев горе и мене ми помина редот. Туку ќе заборавев да ти кажам, Дедо Боже ми рече – го знаеш оној Влатче од МКЦ? Ја му реков – да. Епа кажи му на него му е редот, нека се спреми и нека подели што има да дели. За брзо ќе биде”.
Молк. Па, вели: ,,Добро, бе, вистина ли е?”.
Добро, бе, вистина е, а јас сум духот на Перо Камиказа, му одговорив.
Имаше уште неколку вакви примери, но по оваа случка, не бев толку саркастичен.
Едноставно, сите ги ислушував, ќе се насмеев, ќе направев шала на моја сметка и толку. Во ,,месинџер” ми стигаа по десетици пораки со разни содржини, но една-две ми останаа во сеќавање – ,,да те немаше, ќе требаше да те измислиме” и ,,немој случајно сега да си одиш, кога највише ни требаш”.
ПРОЧИТАЈТЕ: Прв дел од животната прикаска на Петар Георгиевски: ,,Третиот ден се сретнав со Бога”
Втор дел: ,,Подгледнувај ме ноќва дали дишам”
Трет дел: ,,Средбата со Дедо Боже”
Туку, со сликиве со ,,лептир-машна” сакам да ја најавам претпоследната прикаска ,,свадба” и со тоа да го заокружам ноември. Со нови сили и во нови победи.
ОВА НЕ БЕШЕ ,,СВАДБА КАКО СВАДБА”, ОВА БЕШЕ СВАДБАААА!
Овие слики ќе беа неможни без тебе, Дедо Боже. Едноставно, во истиот месец кога требаше да ,,отпатувам” во еден правец ланската 2018, оваа година правевме свадба за синот. А, пред да ,,отпатувам” во 2017-та, правевме концерт на ,,Меморија”.
Првиот ,,дуатлон” ми се случи лани во ноември, и така натаму и така натаму, што ми рекол Борис Мајсторов, читајќи ги радио прикаските на ,,Македонско радио”.
Но, денеска, ќе ми биде драго да споделам една прикаска од еден драг пријател од Бугарија, чисто како момент или искра на добра намера, пријателство и соживот со искрено признание.
Гого ми вика: ,,Ами, многу хубав свет, бе, Петраки, хубаво облечени, без напухани усти, цицки и газове. Културни хора, многу хубава музика и много народ, мислиш че си на некоја светска свадба, а не при нас на балканите”.
Другите пријатели беа од Софија и Илијана, жена му на другар ми, Николај, ги сними сите свирачи. Си ја потроши батеријата, па го зема телефонот од Ники да доснима, воодушевена од програмата и македонските изведувачи.
Ми приоѓа уште една наша пријателка од Белград и ми вели: ,,Ово, човече, светски изгледа. Да је било код нас, ово би било пуно Карлеуше и Лукаса, мислим оно усне, дупе, сисе и пијано и дрогирано све бре. Свака част, а млади су ко бомбоне”.

Ист муабет од двајца соседи кои не се познаваат, ист заклучок и вокабулар. Епа, драги мои, тука немаше ни српска, ни бугарска музика, туку традиционална и рок музика македонска. Убави, културни луѓе и ете ти синергија или енергија, како сакате.
Сликите се само мал дел од атмосферата која ја направија Гезме, Виолета Томовска, Некст тајм, Чалгија саунд систем, Саут парк и како специјален подарок за невестата и младоженецот – ,,Меморија”.
Да сте живи и здрави деца и само среќа да ве прати. А, ние сите да се обидеме на свој начин да си ги искажуваме и вредностите, а не само мааните. Гледате, ако не сте тендециозни, продајгаз, безимени, тогаш и другите не` гледаат со нашите вистински вредности.
Да сте сите здрави и живи и Бог да ви поклони радости еден тон.
ПРОЧИТАЈТЕ: Четврти дел: ,,Амди лежел во мојот кревет и си јадел хамбургер”
Петти дел: ,,Ногата ми се направи како ,,подвезица” од вени”
Шести дел: “Правев ,,чучњеви” и пиев сокови од цвекло, моркови и лимони”
Седми дел: ,,Перо се врати, навистина се врати”
(Утре ,,Резиме”)
[divider style=”solid” top=”20″ bottom=”20″]
[facebook]